Божиноска: Ѓорче Петров може да му парира на Елче, но ништо нема да биде решено по првиот дуел

Македонскиот шампион Ѓорче Петров овој викенд им се враќа на европските обврски и во недела ќе го одигра првиот четвртфинален натпревар против Елче во Европскиот Куп.

Ѓорчепетровки, кои ја остварија зацртаната цел за оваа сезона на европска сцена, ќе се обидат да стигнат подалеку, но најпрво ќе треба да го елиминираат шпанскиот тим.

Една од најдобрите ракометарки во Ѓорче Петров, Ива Божиноска, ги истакна своите очекувања за неделниот дуел.

,,Играме против многу квалитетен противник, клуб кој со години учествува на европска сцена, огромен предизвик за нас, ќе се бориме да го дадеме максимумот и сите веруваме во позитивен резултат. Ние долго се подготвувавме за овој противник, имавме доволно време да видиме кои се нивните слаби точки, каде се најопасни. Сите сме концентрирани, внимателни, знаеме дека играат брз ракомет со многу трчање и мислам дека можеме да им парираме”, изјави Божиноска.

Според Божиноска, патникот во полуфиналето ќе се одлучува дури на реванш средбата во Скопје.

,,Сите имаме позитивна трема пред дуелот, добра страна е тоа шо се игра двомеч, така што ништо нема да биде готово после тој прв дуел, одиме таму да се покажеме во најдобро светло. Мислам дека досега направивме многу, ние сме млада и амбициозна екипа, сите имаме голема желба за нешто плус, од вакви натпревари се стекнува големо искуство, но одиме чекор по чекор, сега е фокусот на Елче”, заврши Божиноска.

Натпреварот во недела е на програмата од 12:30 часот, додека реванш средбата е закажана за 17 март со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Автокоманда“.

Победникот од овој четвртфинален двомеч ќе обезбеди пласман во полуфиналето во третото по ранг европско натпреварување.