Бисинов ФЛ се екипира – носи два бека од Хрватска и Бразил!

Тимот на Бисинов ФЛ од Велес, кој ќе се бори за опстанок во елитното друштво, активно работи на играчкиот кадар за пролетниот дел од сезоната.

По средниот бек Марио Миланов и десниот бек Синиша Павлов, велешкиот тим договори и две интернационални засилувања, а нема да биде изненадување ако донесе и трет странец, дознава 24Ракомет.

Во Велес веќе пристигна левиот бек од Хрватска, Бариша Цвитановиќ. Станува збор за 22-годишниот двометраш, кој доаѓа од составот на Метковиќ. Тој ја започна кариерата во школата на Балиќ и Метличиќ, потоа играше една сезона и за Бјеловар.

Десниот бек доаѓа од Бразил, Густаво Гуедес, а последен клуб за кој играше е аматерскиот тим Осаксо.

Велешани се наоѓаат на 10 место на табелата, а на 16 натпревари досега имаа две победи, две нерешени средби и 12 порази, па во пролетниот дел од сезоната ќе се борат за опстанок во Супер лигата.