Загреб го претстави едно од најголемите засилувања за следната сезона, откако хрватскиот шампион официјално го потврди трансферот на Марко Мамиќ. Искусниот репрезентативец на Хрватска во Загреб пристигнува од германски Лајпциг и потпиша тригодишен договор.
Мамиќ важи за еден од најдобрите дефанзивци во хрватската репрезентација, а спортскиот директор на клубот, Дамир Бичаниќ, не го криеше задоволството од реализираниот трансфер.
„Ќе има многу промени во тимот ова лето. Успеавме да го доведеме Марко Мамиќ и верувам дека со него ќе имаме една од најсилните одбрани во Лигата на шампионите“, изјави Бичаниќ.
Покрај доаѓањето на Мамиќ, Загреб потврди и дека Гиорги Цковребадзе го продолжил договорот на уште три сезони.
Промени ќе има и во стручниот штаб. Нов тренер на „плинарите“ ќе биде Хрвоје Хорват, додека негов помошник ќе биде Тончи Валчиќ.
Тренер на голманите останува Аријан Јовиќ, а поранешниот репрезентативец Јаков Гојун ќе има функција технички директор на тимот.

























