Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер очекувано прослави трета победа во суперлигашкиот плеј-оф, откако ги совлада „сино-белите“ од Автокоманда со 30-28.
Стратегот на битолчани, Раул Алонсо, вели победата на неговиот тим е заслужена и покрај неизвесната завршница, која можеше да биде помирна.
„Знаевме дека ќе биде различен натпревар од оној кој го добивме со 13 гола. Сега сме на првото место, знаевме дека гостите имаат највисоки цели и квалитет, но ние заслуживме да победиме. Можеби не победивме со голема разлика, но ја имавме контролата низ текот на целиот натпревар, иако последните моменти беа малку стресни. Знам дека очекувањата се секогаш високи во оваа средина, сите имаме притисок, тоа не е нешто ново. Мојот тим е фокусиран на остварување на целите, работиме многу добро. Секогаш има притисок, сеедно дали ќе победиме со десет или со еден погодок. Клучно беше што останавме смирени во стресните ситуации, особено во последната акција и среќен сум за Хаџиќ, кој ја чека својата шанса и работи напорно. Тој ни помогна многу, но мислам дека за последната акција целиот тим заслужи комплименти. Ние растеме заедно, а од утре ќе се подготвуваме за следниот натпревар“, изјави Алонсо.
Следен предизвик за битолчани ќе биде гостинскиот натпревар со Бутел Скопје в среда.
На табелата, Еурофарм Пелистер е прв со девет бода, Вардар е втор со осум, додека „сино-белите“ практично се отпишани од трката, бидејќи останаа на четири бода на третото место.
Еурофарм Пелистер „гази“ кон титула – „сино-белите“ на колена во Битола!