Во моментов е рано да се зборува за професионална работа во правото бидејќи сега спортот ме исполнува целосно и целосно сум предаден на ракометот. За работа во правото ќе размислувам повеќе откако ќе ја завршам кариерата.
На собирот на сениорската репрезентација на Македонија кој е закажан за недела во 12 часот меѓу ракометарите кои се повикани е и еден повратник во националниот тим. Се работи за пивотот на Металург, Милан Лазаревски кој за својата позиција ќе биде во конкуренција заедно со Пешевски и Аларов.
Тој ќе има можност да забележи нов настап и тоа против селекцијата на Чиле против која дебитираше во 2019 година за сениорската репрезентација и тоа на Мундијалот кој се одржа во Германија и во Данска.
Ова е нова шанса за Лазаревски да се наметне со своите игри за место во репрезентацијата и можеби стандардна позиција меѓу пивотите кои се дел од националниот тим. Тука постојано се Стоилов, Маркоски и Пешевски, но факт е дека Брестовац се обидува да внесе нови момци и веројатно тука е шансата за Лазаревски да си го најде своето место и во сениорската селекција.
Самиот мирно го коментира повторното вклучување во репрезентацијата и вели дека е сосема нормално да се очекува да се дојде до место во националниот тим.
„Искрено според мене тоа е многу субјективно. Сепак, едноставно примарна цел ми е да се надградувам што е можно повеќе. Првично моето размислување не е да бидам повикан во националниот тим, туку да собирам искуство и да напредувам, а со тоа си доаѓа и можноста да дојдам до место во репрезентацијта. Кога ќе те повикаат во националниот тим тогаш мотивот е дефинитивно огромен бидејќи на тој начин се валоризира целиот труд. На тој начин се гледа дека патот бил вистински трасиран и партите на теренот не останале незабележани“, вели Лазаревски за 24Ракомет.
Играњето за репрезентацијата е одлична можност за секој играч без разлика во кој спорт се работи и за тоа дали се работи за сениорска или за некоја младинска селекција.
„Најголемата чест за еден спортист е да ја претставува својата земја на интернационално ниво. Самиот повик во репрезентацијата е и дополнителен мотив за да работам уште посилно. Имам сериозна конкуренција на мојата позиција. Се работи за одлични пивоти кои се веќе одлично познти и во европски и светски рамки. И репрезентацијата се темели на играта преку пивот и играта 2 на 2, а нашите пивоти тоа одлично го прават. После Лазаров тие се најефективните напаѓачи. Имаме специфичен начин на егзекуција преку пивот“.
Има свој коментар и за момците кои во последните години се постојано во националниот тим на пивотменската позиција, но смета дека ова е шанса за него да ги покаже своите квалитети.
„Допрва ќе треба да се надградувам. Знам дека имам одлична конкуренција и дека ќе морам уште повеќе да работам. На мојата позиција се момци со астрономско високи квалитети и едноставно е чест да бидам во нивна конкуренција. Веројатно селекторот планира и некоја новина на ова место бидејќи помалку-повеќе Стоилов и Пешевски се ист тип на напаѓачи. Сега за овој собир сме јас, Жаре и Михаил. Жаре е веќе етаблиран во националниот тим додека јас и Михаил треба да видиме дали сме зрели за да бидеме дел од сениорскиот состав. Ова е златна можност и во исто време шанса да фатиме приклучок“.
Сезонава има добра минутажа и во Металург. Таму ги одигра трите средби во Лигата на Европа, а на 12 средби во Групата Б од Супер машката лига имаше 35 гола. Сепак, и тој како и повеќето ракометари е согласен со фактот дека честите прекини и карантини оставија трага во формата.
„Неоспорлив е фактот дека карантините во кои бевме во последните месеци имаа силен одраз на играта кај сите ракометари. Одраз на тоа се и поразите во домашното првенство со Металург. Сепак, со оглед на околностите во кои бевме покажавме и дека имаме цврст карактер и дека за краток период моравме и успевмеда се консолидираме. Одигравме и еден квалитетен натпревар со тимот на Фиверс во Лигата на Европа и тоа после само неколку дена тренинзи откако две недели бевме во изолација. Имам големо почитување кон моите соиграчи особено кон карактерот кој го покажаа на теренот. Сепак, потребно е време за да можеме да влеземе во континуитет“.
Задоволен е и од формата која што ја има иако е тешко да се одржува на високо ниво.
„Од мојата форма есенва лично сум задоволен и секогаш говорам дека може да се одигра и подобро и да се постигне уште повеќе од она што се покажува во моментот. Постои уште простор за напредување. Задоволен сум од нивото и сето тоа еве резултираше со повик за националниот тим. Сега ќе се види и дали моето созревање е на потребното ниво и на што ќе треба да се работи во следниот период“.
Додека е посветен на ракометот, Лазаревски најде време и за да заврши факултет. Тој дипломираше на Правниот факултет, но своето образование го продолжува и тоа на постдиплоски студии.
„Дипломирав во мај минатата година на Правниот факултет. Одлучив и да го продолжам образованието и запишав постдипломски студии исто така на правниот факултет на кривично право. Ова е втората работа покрај ракометот која ми е голема цел и во која сакам да успеам. Факултетот е една цел во животот која е нужна. Високото образование е нешто што секој би требало да го има. Сакав да го завршам факултетот и конечно успеав. Одев по потешкиот пат поради константните обврски со спортот, но успеав. Задоволен сум со тоа што го завршив. Имаше потреба од многу труд, но јас сум задоволен. Успеав да издржам сè и со соодветен распоред на силите и љубов кон тоа што сакам го направив сето ова. Морам да признаам и дека поради моите студии не заминав во странство иако имав понуди и бев во контакт со неколку екипи надвор од Македонија. Сепак, сметав дека првично треба да го завршам образованието, а потоа целосно да му се посветам на спортот“.
Во време кога секоја област доживува голема трансформација постои одлична можност за некоја година да ги спои и ракометот и правото. Тоа е и едно од размислувањата и на Лазаревски.
„Правото како предмет има широка примена во општеството. Правните науки веќе добиваат и поинаква димензија и специјалистички смерови кои се поврзани со спортот. Има простор за застапување на играчи, постои една заедничка сфера, па доколку се укаже шанса во иднина би можел да се занимавам со ова. Факт е дека ракометот и правото се две работи кои ме привлекуваат и точно е и тоа дека сакам да го работам ова. Сепак, во моментов е рано да се зборува за професионална работа во правото бидејќи сега спортот ме исполнува целосно и целосно сум предаден на ракометот. За работа во правото ќе размислувам повеќе откако ќе ја завршам кариерата“, заврши Лазаревски.
Со оглед на тоа што има доста обврски новата 2021 година ќе биде доста напорна за пивотот на Металург. Покрај тоа што му претстои плеј-оф битка во Супер лигата, натпревари во Купот на Македонија, но и во Лигата на Европа. Доколку се наметне на овој собир може да очекува покана и за квалификациите за ЕП 2022, а воедно го очекуваат и испити на постдипломските студии на Правниот факултет.