Чупиќ ја презеде вината: Идејата со „седум на шест“ не помина – јас сум одговорен!

Вардар не успеа да стигне до првата победа во Лигата на шампионите, откако во Скопје беше поразен од Висла Плоцк со 26-32. „Црвено-црните“ водеа со 15-13 на полувремето, но гостите доминираа во продолжението и заслужено ги освоија бодовите.

Тренерот Иван Чупиќ по натпреварот ја презеде одговорноста за поразот. Тој потенцираше дека одбраната и враќањето на неговиот тим биле на потребното ниво, но Вардар немал вистински решенија во нападот. Како клучен момент ја посочи одлуката да се премине на игра „седум на шест“, по која Висла постигна неколку лесни голови на празна мрежа.

„Лошо го отворивме натпреварот. Знаевме дека во нападот ќе ни биде тешко во текот на сите 60 минути и се подготвувавме за тоа. Работевме на играта ‘седум на шест’, со четворица бекови и на класичната игра ‘шест на шест’. Знаевме дека ќе мора постојано да се приспособуваме и да не му дозволиме на противникот лесно да се адаптира.“

„И во првото и во второто полувреме имавме моменти во кои нападот изгледаше добро. Сепак, моја грешка беше одлуката да преминеме на ‘седум на шест’. Примивме три или четири лесни голови на празна мрежа. Одбраната до тој момент беше добра, компактна и агресивна, но со таа одлука малку го нарушивме нашиот ритам.“

Чупиќ објасни дека намерата била Вардар да дојде до полесни позиции за шут и да заштеди енергија за завршницата.

„Сакавме да добиеме можности за удари од девет метри, без премногу контакт и дуели, и на тој начин да стекнеме самодоверба во нападот. Но, излезе целосно спротивно од она што го замислував. Примивме четири гола на празна мрежа и тогаш натпреварот ни избега.“

„Во првото полувреме почнавме со пивот, а кога губевме со 7-2 или 7-3, преминавме на игра со четворица бекови. Со таа поставеност се вративме и поведовме со 15-13. Натпреварот беше целосно отворен и сакав десетина минути да се обидам со ‘седум на шест’. Кога играме со четворица бекови, мораме постојано да правиме една или две измени меѓу нападот и одбраната. Висла е многу агресивна и интензивна, па таквиот напад бара многу дуели и одзема голема енергија.“

Планот бил Вардар да остане резултатски блиску до противникот и со повеќе енергија да влезе во последните 15 минути.

„Мојата идеја беше да имаме помалку дуели во нападот и да ја зачуваме агресивноста во одбраната. Очекував во последните 10 или 15 минути резултатот да биде околу плус два или минус два и натпреварот да остане отворен. Но, наместо тоа, Висла се одлепи на шест или седум гола и практично го реши победникот. Идејата не помина и тоа е моја одговорност.“

„Играта ‘седум на шест’ требаше да биде и некакво изненадување, бидејќи не ја користевме на првите два натпревари. Замислата беше да ја играме неколку напади, додека противникот не се приспособи, а потоа да се вратиме на друга варијанта. Но, по првиот, па вториот гол на празна мрежа, се појави нервоза. Нема потреба да бараме алиби.“

Чупиќ призна дека Висла заслужено победила и дека Вардар не успеал да пронајде вистински одговор за цврстата одбрана на полскиот тим.

„Висла победи заслужено. Многу се мачевме во нападот и немавме вистински решенија. Можеби најконкретни бевме кога игравме со четворица бекови и без пивот, но таквата игра бара многу енергија и постојани измени. Не го најдовме вистинскиот одговор ниту преку ротацијата, ниту преку промените во составот.“

„Одбраната, транзицијата и враќањето назад беа на ниво на Лигата на шампионите, но знаевме дека нападот ќе ни биде најголем проблем. Висла покажа дека може значително да го намали бројот на голови на секој противник. Зборувавме дека ако стигнеме до 30 погодоци, ќе имаме можност да победиме. Кога ќе останете на 25 или 26 гола, тогаш играте натпревар по нивна мерка.“

Тренерот на Вардар на крајот застана во заштита на своите ракометари и порача дека тие го дале максимумот.

„Нормално е да бидеме тажни и лути, но немам што да им замерам на ракометарите. Тие го дадоа сето она што го знаат и можат. Сите беа мотивирани, подготвени и сакаа да победат, но нешто се прашува и противникот. Не бевме на потребното ниво во нападот, а тоа е моја одговорност. Кога екипата ќе загуби, тренерот е одговорен. Денес одговорноста е моја“, заврши Чупиќ.

Сабате по триумфот во Скопје: Да се победи овде е многу тешко, атмосферата е фантастична