ФОТО: РК Мелсунген

Хаос во групата на Вардар – Нант падна во Германија, Барса рутински со Динамо

Екипата на Мелсунген направи голем чекор напред кон првите две позиции во групата и пласман во ТОП 12 во Лигата на шампионите, откако славеше против Нант со 28-23, па сега е хаос во битката за врвот. Мелсунген, Нант и Висла Плоцк имаат по четири бода, а Вардар е последен без бодови.

По 4-4 на стартот, Мелсунген почна да се одлепува и отиде на плус три, 7-4, а гостите цело време бркаа негатива. На паузата тимот на Парондо водеше со 14-11, но на десетина минути до крајот Нант преку Турна израмни на 20-20.

Тука беше клучниот период. Симиќ беше одличен на голот на Мелсунген, Нант почна да греши и шест гола по ред постигнаа домашните за 27-21, па славјето можеше да почне. Симиќ запиша 17 одбрани, а Дростен даде шест гола за победничкиот тим, додека Турна постигна исто толку за Нант.

Барселона одработи рутински против Динамо Букурешт и одигра колку што треба за да ги освои бодовите, 34-27. Голманот Ернандез блескаше на голот на Барса и запре 19 удари на романскиот шампион. Мем даде шест гола, а Гомез уште пет, додека Вујовиќ постигна седум за поразениот состав.

Скандерборг Архус го победи Монпелје со 36-32 и ќе биде интересна трката во оваа група за втората позиција, која води во ТОП 12 фазата. Гостите парираа во првиот дел, водеа во повеќе наврати, но до паузата данскиот состав предводен од голманот Петерсен со 20 одбрани направи пресврт, ја презема контролата и до крајот не ја испушти предноста.

Јохан Хансен беше стрелец на осум гола за победничкиот тим, додека шест за Монпелје постигна Паскал. На табелата во оваа група Барса има шест бода, Архус има три, Монпелје два, а Динамо Букурешт еден.