ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Вардар со предизвик во Регионалната лига, дерби двобој меѓу Прилеп и Тиквеш

Ракометарите на Вардар денеска го играат вториот натпревар во Регионалната лига, а во Скопје доаѓа Будванска Ривиера.

Вардарци досега одиграа само еден меч и ја победија Војводина, додека Будванска Ривиера пристигнува во Скопје по елиминацијата од грчката Драма во ЕХФ Европскиот Куп.

Црногорскиот состав предводен од Аким Комнениќ има солиден ростер во кој се наоѓааат и тројца ракометари што играле во Македонија – десниот бек Никола Ивановиќ (Еурофарм Пелистер), голманот Василије Печурица (Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Струга, Тиквеш), левиот бек Лука Иваниќ (Бутел Скопје).

Будва досега славеше на гости кај Динамо Панчево, а загуби на домашен терен од екипата на Охрид.

Натпреварот меѓу Вардар и Будва, на кој македонскиот првак е голем фаворит за победа, се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18:00 часот, а на домашна сцена ќе се игра уште еден натпревар.

Тоа е дерби мечот од 3 коло во Супер машката лига меѓу Прилеп и Тиквеш. Кавадарчани како „ранет лав“ по европската елиминација патуваат кај прилепчани, кои исто како и нив имаат две победи во два меча. Покрај Вардар и тимот од Автокоманда, Прилеп или Тиквеш може да стигнат до три од три, или пак да ја продолжат серијата без пораз ако мечот заврши реми.

На меѓународна сцена, Мартин Томовски и Евгениј Темелкоски, ќе имаат настапи со своите екипи во домашните шампионати.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:

18:00 ВАРДАР – БУДВАНСКА РИВИЕРА (РЕГИОНАЛНА ЛИГА)
19:30 ПРИЛЕП – ТИКВЕШ (СУПЕР ЛИГА)
19:30 БИТИГХАЈМ – МИНДЕН (ГЕРМАНИЈА)
14:00 ПАОК – ЈОНИКОС (ГРЦИЈА)