Актуелниот освојувач на трофејот во ЕХФ Купот, Охрид, го дозна ривалот за второто коло од ова натпреварување и ќе се соочи со турскиот тим Спор Тото. „Гладијаторите“ можеа да минат многу полесно и да ги добие на пример англискиот Ислингтон или хрватскиот Трогир, но можеше да има и „полоша“ ждрепка и да игра против романската Турда, швајцарскиот Берн или српскиот Динамо Панчево. Во комбинација за ривали беа и грчката Драма и австрискиот Кремс, но сеедно – кој и да го добиеше, Охрид е фаворит за пласман во третата рунда.
Спор Тото е третопласираната екипа од минатата сезона во турскиот шампионат зад Бешикташ и Бурса, а пред Истанбул Генчлик, Гиресун и Трабзон. Станува збор за екипа што ќе ја игра 17. сезона во Европа, а низ историјата има запишано настапи и во квалификациите за Лигата на шампионите, во сезоната 2006/07 кога беше елиминирана од Црвена Звезда.
Турскиот состав има настапи во Лигата на Европа, во Челинџ Купот, а најголемиот успех е во сезоната 2007/08 во Купот на победниците на Куповите, кога стигнаа до осминафиналето и беа елиминирани од швајцарскиот Кадетен Шафхаузен. Минатата сезона Спор Тото беше елиминиран по само една рунда во ЕХФ Купот од италијанскиот Сасари.
Спор Тото има на располагање 22 ракометари, сите до еден се домашни, а меѓу нив е средниот бек Халил Озтурк, кој своевремено мина една сезона во Охрид, но не остави длабока трага. Турскиот состав располага со двајца искусни голмани – 37-годишниот Јунус Узмусул, кој меѓудругото има и интернационална кариера во АЕК Атина, бундеслигашот Штутгарт, унгарската Орошаза, но и корејскиот Ховкс, како и 38-годишниот Чоскун Ѓоктепе. Највозрасен е 39-годишниот Ерен Пекташ, кој игра на левата крилна позиција, а средниот бек Емре Кескин има 37 години. Тренер на екипата е домашниот стратег кој има 47 години – Идриз Тан, кој е селектор на машката младинска репрезентација на Турција.
Ривалот на Охрид во првото коло го елиминира босанскиот тим Вогошча, на двата меча кои се играа во Турција, 40-22 и 37-21. Најефикасни на двата меча беа левото крило Ѓоккај Билим со 11 и десното крило Ѓоркем Бичер со 12 гола.
Спор Тото ги игра натпреварите во Чанкаја, општина во градот Анкара, а салата каде што се играат е на Ракометната федерација на Турција и има капацитет од 2.700 гледачи.
Во досегашниот дел од сезоната во турскиот шампионат, Спор Тото одигра два меча и славеше на гости кај Трабзон со 38-34, а загуби дома од Бешикташ со 36-27.
Првиот дуел со Охрид ќе се игра на 17/18 во СРЦ „Билјанини Извори“, додека реваншот треба да биде на 24/25 октомври во Анкара. Охриѓани се фаворити за пласман во третото коло, но тоа треба да го покажат на теренот на двете средби.

























