Големи промени во редовите на Будуќност по само две одиграни кола во новата сезона од Лигата на шампионите. Црногорскиот гигант се раздели со тренерот Зоран Абрамовиќ, а на негово место доаѓа клупска легенда – Маја Савиќ.
Одлуката за смена на Абрамовиќ доаѓа по двата убедливи порази на стартот од елитното натпреварување. Тимот на Будуќност на домашен терен загуби од Ференцварош со 29-20, а потоа беше поразен и на гостувањето кај ЧСМ Букурешт со 35-26.
Абрамовиќ ја презеде функцијата минатата сезона, кога ја наследи Бојана Поповиќ, но неговиот мандат заврши по само две европски средби во новата сезона.
На клупата сега ќе седне Маја Савиќ, добро познато име во историјата на Будуќност. Таа првпат заиграла за подгоричкиот клуб во 1990 година и во него мина дури 14 години, до 2004 година.
Савиќ се врати во Будуќност во сезоната 2011/12, кога ја заврши играчката кариера на најдобар можен начин – со освојување на Лигата на шампионите. Во изминатиот период таа беше дел од стручниот штаб на Абрамовиќ, а претходно работеше и со Бојана Поповиќ како помошен тренер.
Од клубот посочија дека нејзиното искуство, авторитет, познавањето на клубот и европскиот ракомет, како и долгогодишната работа со ракометарките, ќе бидат важен дел од новиот период за првиот тим.
Деби на Савиќ на клупата ќе биде во третото коло од Лигата на шампионите, кога Будуќност на домашен терен ќе го пречека Брест.
Но, промените не се само на тренерската позиција. Горан Цмиљаниќ поднесе неотповиклива оставка од функцијата директор на клубот, а на негово место доаѓа досегашниот секретар Срѓан Маркоч.
Пред стартот на сезоната, Будуќност како примарна цел го постави пласманот во нокаут-фазата од Лигата на шампионите. По двата порази на стартот, клубот направи сериозни промени во обид да го продолжи патот кон таа цел.

























