Романската федерација е во потрага по нов селектор на машката репрезентација пред стартот на квалификациите за ЕП 2028. Филип Јиха бил една од првите големи желби, но неговите финансиски барања биле превисоки, па сега во прв план излегува Уве Генсхајмер.
Романија сака звучно име на клупата на машката репрезентација, но потрагата засега не оди лесно. Селекцијата е без селектор од април, по заминувањето на Буричеа, а времето полека притиска бидејќи квалификациите за Европското првенство во 2028 година започнуваат во ноември.
Првата голема желба бил Филип Јиха. Чехот е слободен по разделбата со Кил во јуни, кога германскиот гигант стави крај на неговата долгогодишна ера како играч и тренер. Со Кил ја освои Лигата на шампионите во 2020 година, трипати беше германски шампион како тренер и важеше за едно од најзвучните достапни имиња на пазарот.
Но според романскиот „ГСП“, Јиха побарал околу 20.000 евра месечна плата, плус бонус за потпис. Тоа било над можностите на Романската федерација, па преговорите не стигнале до договор.
Откако Јиха отпаднал како опција, претседателот на федерацијата Богдан Воина започнал разговори со Уве Генсхајмер.
Станува збор за едно од најголемите германски ракометни имиња во последните две децении. Генсхајмер долги години беше капитен на Германија, освои бронзен медал на Олимписките игри во Рио 2016, а најголем дел од клупската кариера ја мина во Рајн Некар Левен. Играше и за ПСЖ.
По завршувањето на кариерата во 2024 година веднаш влезе во раководните структури на Рајн Некар Левен како спортски директор. Од април годинава доби поинаква улога во клубот и работи на развој на скаутинг-мрежата и интернационализација на клубот.
Доколку разговорите завршат успешно, ова би бил многу интересен потег на Романците – човек со огромен играчки авторитет и искуство од врвен ракомет да добие шанса директно на репрезентативна клупа.
Новиот селектор нема да има многу време за адаптација. Романија во квалификациите за ЕП 2028 е во група со Франција, Полска и Летонија. Директен пласман обезбедуваат првите две селекции, а дополнителна шанса ќе имаат и четирите најдобри третопласирани репрезентации од сите квалификациски групи.
Тоа значи дека федерацијата сака новото решение да биде донесено брзо и пред стартот на квалификациите.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

























