Ако сезоната се познава по почетокот тогаш оваа 2026/27 ќе биде неизвесна, интересна и со полни сали, барем кога ќе има дерби средби. Дуелот во Охрид меѓу „гладијаторите“ и „фармацевтите“ од Битола покажа машки ракомет, полн со дуели и на крајот заврши со поделба на бодовите, 28-28.
Охрид водеше преку Мате со 28-27, останаа триесетина секунди за битолчани, кои преку Петар Атанасијевиќ успеаја да погодат во последната секунда за голем бод од тешкото гостување.
Трибините во СЦ „Билјанини Извори“ исполнети до последно место, набој во атмосферата, адреналин на теренот. И со навивачи од двата тима на трибините.
Резултатската „клацкалка“ во текот на мечот повеќе преовладуваше на страната на гостите кои имаа повеќе периоди кога имаа предност. Но, ниту еден тим не се откажа, туку напротив се бореше за топка, за место за позиција.

Гостите подобро го отворија натпреварот и во 15. минута поведоа со 8-6, но охриѓани брзо се вратија и со пресврт стигнаа до предност од 11-10.
Следуваше серија од 3-0 на битолскиот тим за водство од 13-11. Охрид успеа да израмни на 13-13, а последниот погодок во првото полувреме го постигна Ник Хенингман за 14-13. Ако напаѓачите беа подобрата страна кај двата тима, тогаш одбраната послабо ја вршеше својата работа, па голманите сите заедно во двата тима имаа 8 одбранети топки.
Домашниот тренер реши на трибините да го остави крилото Кеита кој беше „прекуброен странец“. Но, го имаше расположениот Мате кој во првото полувреме даде 4 гола.
Ништо поразлично не беше ниту во вториот дел. Еурофарм Пелистер повторно, по вторпат имаше „плус 2„ за водство 15-13, а потоа дојде пресвртот. Од негатива од два гола Охрид поведе со 18-16, најавувајќи пресврт. Но, мечот беше таков што ниту еден тим не оствари повисока предност, туку неизвесноста постојано „висеше“, па гостите.
И повторно израмнет резултат, 19-19, па водство на Охрид. Со играч повеќе гостите израмнуваат, а потоа Савревски носи ново водство. Во последните 10 минути од мечот силите се израмнети, но сега Еурофарм Пелистер има напад со кој може да поведе, откако претходно неколкупати страстите зовреа, па судиите поделија неколку исклучувања.

Во 52 минута со два играчи помалку на терен домаќините (Иванковиќ и Савревски) мораа да се одбранат, а гостинскиот тренер Лино Червар побара минута одмор за да ја договори тактиката за играње. Во отсуство на Кузмановски, играта требаше да ја води Кајалџиоски, кој направи техничка грешка па домашните преку Ојлески пак дојдоа во водство, 25-24.
Наместо Охрид да поведе, една акција не заврши како што посакуваа, а гостите во контра преку Атанасијевиќ дојдоа во водство, 26-25, на 4,5 минути до крај на средбата. Тотална неизвесност околу победникот, иако Охрид не дозволуваше резултатот да им „избега“, па веднаш од пенал израмнија, 26-26.
Беше и 27-27, а Червар повика тајм-аут на 90 секунди до крајот. Не реализираа битолчани, па Мате казни и останаа уште триесетина секунди за барем бод за Еурофарм Пелистер. Топката стигна до Петар Атанасијевиќ кој во послената секунда успеа да погоди за реми во Охрид и поделба на бодовите.
Во домашниот состав се истакна Мате со 11 голови, четири даде капитенот Ојлески, а голманот Славиќ имаше пет одбрани, исто колку и Митревски на спротивната страна. Капитенот на Еурофарм Пелистер, Кузмановски, беше најпрецизен со десет погодоци.
























