ЦСКА ја отвори новата сезона со трофеј, откако московскиот гигант славеше над Чеховски Медведи со 26:22 во натпреварот од Супер Купот на Русија.
За „армејците“ ова е четврти последователен трофеј во Супер Купот на Русија, со што продолжува нивната доминација во натпреварувањето.
Претходно, Чеховски Медведи имаа неверојатна серија од девет последователни трофеи, но одамна „мечките“ не се сила во Русија.
Капитенот Данил Шишкарев, го подигна вкупно десеттиот трофеј во клупската историја – четврти во Супер Купот, а претходно некогашниот вардарец беше дел од сите други титули – три во шампионати и три во Купот на Русија.
Најдобар стрелец во победничкиот состав беше Гирик со седум гола, шест даде Шабељников, а Шишкарев стрелаше четири пати во голот на „мечките“ од Чехов.


























