Познати се финалистите на Светското првенство за кадетки во Романија. За златото ќе се борат актуелниот шампион Шпанија и Црна Гора, која за првпат во историјата обезбеди место во финалето на Мундијалот.
Во првото полуфинале се одигра вистинска драма, во која Шпанија со 27-26 го совлада Египет и обезбеди второ по ред финале на Светското првенство.
Двете непоразени селекции на турнирот влегоа во полуфиналната пресметка со големи амбиции, а првото полувреме донесе исклучително израмнета борба. По првите 30 минути актуелниот светски шампион водеше минимално со 13-12.
Шпанија одлично го отвори второто полувреме и за само седум минути стигна до највисоката предност од четири гола (18-14). Египет, сепак, не се предаде. Со одличните интервенции на Јана Лабанах и со нападот „седум на шест“, африканската селекција полека ја намалуваше негативата и во 52. минута стигна до 23-22.
Во драматичната завршница Шпанија поведе со 27-25, но Египет доби последна шанса. По седмерецот реализиран пет секунди пред крајот, резултатот беше 27-26, но веднаш потоа се огласи сирената за крај. Така, Шпанија ќе има можност да ја брани светската титула, додека Египет, кој веќе го оствари најдобриот пласман во историјата на земјата, ќе се бори за бронзениот медал.
Во второто полуфинале Црна Гора ја совлада Данска со 27-25, со што за првпат во историјата се пласираше во финалето на Светското првенство за кадетки.
Црногорките доминираа во првото полувреме и целосно ги искористија проблемите на Данска во нападот. Со одлична одбрана и брзи транзиции, Црна Гора стигна до убедлива предност, која во еден момент изнесуваше дури 11 гола. На полувремето резултатот беше 17-11.
Данска не се предаде и во второто полувреме направи голем камбек. Со серија од четири гола успеа да намали на 18-15, а подоцна стигна и до 22-20. Црногорките се најдоа под огромен притисок, но успеаја да ја сочуваат предноста.
Во последните минути Данска имаше шанса да израмни, но не успеа да го искористи својот напад. Црна Гора во последната минута ја загуби топката, но голманката Маша Дубљевиќ со фантастична одбрана го спречи израмнувањето и ја потврди историската победа.
Ивана Савиќ беше најефикасна кај Црна Гора со десет голови, додека кај Данска Каролин Мано Тодсен постигна седум. Данската голманка Тилде Ладегард Сков имаше дури 14 одбрани.
Во финалето Црна Гора ќе игра против Шпанија, во реприза на дуелот за бронзата од Европското првенство за кадетки во 2025 година, кога Црна Гора славеше со 22-20. Борбата за бронзениот медал ќе ја водат Египет и Данска.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























