СТРУГА 2026: Танкоски – турнирот ќе ни биде добра шанса за воигрување пред Супер лигата

Од 12 до 15 август, Струга ќе биде во центарот на вниманието со 54. издание на традиционалниот Струшки турнир со учество на шест екипи.

Домаќинот чека дури 36 години за домашен трофеј, откако славеше во 1990 година пред распадот на Југославија.

Иако стружани требаше да играат во прволигашката конкуренција, сепак по откажувањето на Пролет, добија шанса за настап во елитата.

Новиот капитен на клубот е повратникот во Струга, Марио Танкоски, кој по настапите за Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург, се врати дома.

„Моето доаѓање во Струга се случи набрзина благодарание на директорот Чакарески. Струга беше пред испаѓање од Супер лигата, но успеавме да направиме респектибилен тим. Што се однесува до Струшкиот турнир, главната цел е да се воиграме, сега сме нов тим – со многу нови ракометари и нов тренер, треба да се запознаваме. Не ни е наша цел да го освоиме, туку да го искористиме за да влеземе што поподготвени за првенството што почнува во првата недела во септември, бидејќи нема да имаме многу време“, изјави Танкоски.

Во Струга ќе играат шест екипи – покрај домаќинот, тука се актуелниот освојувач на трофејот, Охрид, како и Вардар, Дубочица Лесковац, Бутел Скопје и Прилеп.