Францускиот среден бек Матео Фадуил е едно од новите имиња во Вардар за новата сезона. По првите недели во Скопје, тој веќе се вклопува во новата средина, работи на тактичките детали и верува дека „црвено-црните“ имаат квалитет за добри резултати.
Вардар во новата сезона повторно ќе биде дел од Лигата на шампионите, а едно од засилувањата од кое се очекува многу е Матео Фадуил. Францускиот среден бек пристигна од Трембле и за првпат во кариерата ќе игра надвор од Франција.
Фадуил веќе неколку недели е со екипата и полека се навикнува на новиот клуб, новите соиграчи и животот во Скопје.
„Се чувствувам добро. Групата ме пречека одлично, сите беа многу отворени и пријателски настроени кон мене. Го избрав Вардар затоа што клубот има големи амбиции. Тоа е голем клуб, кој има можност да игра во Лигата на шампионите и да настапува на високо европско ниво – вели Фадуил.
Французите му го препорачале Вардар
Пред да ја донесе конечната одлука за преселба во Скопје, Фадуил разговарал и со француски ракометари кои претходно го носеле дресот на Вардар и добро ја познаваат средината во клубот.
Меѓу нив биле Бакари Дијало и Жереми Тото.
„Разговарав со Бакари Дијало, Жереми Тото и со уште неколку играчи кои добро го познаваат клубот. Сите ми дадоа позитивни препораки. Ми кажаа дека Вардар е голем клуб и дека тука има добра средина за работа, развој и напредување“, вели Фадуил.
Тоа било дополнителен мотив за Французинот да ја прифати понудата и кариерата да ја продолжи во Македонија.
„Верувам во екипата и во квалитетот што го имаме”.
Вардар во новата сезона влегува со големи амбиции. По освоената двојна круна во Македонија, „црвено-црните“ повторно ќе бидат дел и од европската елита, а токму настапот во Лигата на шампионите беше еден од важните фактори при одлуката на Фадуил.
Новиот среден бек смета дека на екипата ќе и биде потребно време за целосно воигрување, но верува во потенцијалот на составот.
„Мислам дека можеме да направиме добри резултати. Клубот има големи амбиции, а ние започнавме сериозно да работиме. Ќе биде потребно време за целосно да се вклопиме и да го усовршиме тактичкиот дел, но верувам во екипата и во квалитетот што го имаме.
Фадуил вели дека неговата главна задача е индивидуалниот квалитет да го стави во функција на тимот.
„Сакам да го дадам својот талент и целосно да се ставам во служба на екипата. Мојата цел е да му помогнам на тимот да победува на што повеќе натпревари. Долги години играв во Франција и стекнав искуство во силно првенство. Ќе се обидам да ги пренесам тоа искуство и квалитетот што го поседувам, но најважно е секогаш да го давам максимумот за екипата.
Не сака да биде „новиот Пранди“
Фадуил често го поврзуваат со францускиот репрезентативец Елохим Пранди. Тој, сепак, не сака да живее од споредбите и потенцира дека сака да создаде сопствено име. Пранди е негов полубрат, па со спомнувањето на името на Фадуил секогаш се надополнува.
„Не чувствувам никаков притисок. Знам дека дел од луѓето ме гледаат како брат на Пранди, но тоа за мене претставува мотивација. Сакам да се докажам преку сопствената игра, да го покажам својот квалитет и да го изградам сопствениот пат. Не размислувам за тоа како за товар“, вели Фадуил.
За Вардар најважно ќе биде Фадуил брзо да се вклопи во системот на Иван Чупиќ. Подготовките веќе се користат за работа на тактичките детали и за создавање хемија меѓу староседелците и новите ракометари.
„Клубот ме пречека многу добро. Почнавме да работиме и на тактичкиот дел, а јас се обидувам што побрзо да се приспособам на начинот на игра. Сите во екипата се добри со мене и чувствувам дека веќе стануваме пријатели. Атмосферата е добра и тоа многу ми помага“.
Првиот македонски збор
Французинот полека се навикнува и на јазикот. Со соиграчите засега најмногу комуницира на англиски, но веќе почнал да учи и македонски.
Македонскиот јазик е тежок, но почнав да учам. Разбирам англиски и на тој јазик најчесто комуницирам со соиграчите. Успеваме да се разбереме и немаме проблеми во комуникацијата.
А првиот збор?
„Првиот збор што го научив е “здраво”. Почнав да учам и некои тактички зборови што ни се потребни на теренот. Секако, од соиграчите најбрзо се учат и некои лоши зборови, но нив не можеме да ги кажеме јавно“, низ насмевка завршува Фадуил.
Со доаѓањето во Вардар, Фадуил отвора ново поглавје во кариерата. Од француското првенство до Скопје и Лигата на шампионите, пред него е нов предизвик, а првите впечатоци се позитивни. Сега останува својот квалитет да го покаже и на теренот во „црвено-црниот“ дрес.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























