Откако го ангажираа Аце Станковски за тренер во претстојната сезона во прволигашката конкуренција, раководните луѓе на Вардар Неготино активно работат и на ростерот што ќе конкурира за висока позиција.
Во составот на неготинци ќе игра и еден од најдобрите прволигашки стрелци – средниот бек Јован Атанасовски, кој доаѓа од штипски Текстилец.
Велешанецот Атанасовски кој минатите неколку сезони е во топ стрелците во прволигашката конкуренција, се реши да ја промени средината и во Неготино ќе има можност да ги покаже своите квалитети. Минатата сезона во дресот на штипскиот состав, Атанасовски на 22 меча постигна 160 или во просек повеќе од седум по натпревар.
Во Неготино дојде искусниот велешанец Мартин Димов, кој има големо суперлигашко искуство стекнато низ Вардар и Вардар Јуниор, па Пролет, Бутел Скопје, Борец ФЛ и Радовиш.
Амбициите на неготинци за претстојната сезона се големи, па се очекуваат уште нови имиња кои ќе го комплетираат тимот што треба да се бори за место во Супер лигата.























