Од 12 до 15 август, ракометот повторно се враќа покрај Oхридско езеро. На 54. издание на најстариот ракометен турнир во Македонија ќе настапат Вардар, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп, Струга и Дубочица од Лесковац, а сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Кога ќе дојде август, Струга повторно станува центар на македонскиот ракомет. Под отворено небо, покрај Охридското Езеро и пред публиката која со децении е дел од оваа приказна, ќе биде напишано новото поглавје од најстариот ракометен турнир во Македонија.
Од 12 до 15 август, на отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“, ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Струга 2026“. Турнирот го носи името „Вангел Баљукоски – Баљук“, во чест на поранешниот ракометар на Струга. Во 1973 година започнала приказната која денес е една од најпрепознатливите спортски традиции во Македонија.
Повеќе од половина век, турнирот ги поврзува различните генерации. На игралиштето во Струга настапувале македонски, југословенски и европски шампиони, репрезентации, големи тренери и ракометари кои подоцна освојувале европски, светски и олимписки медали.
Но, посебноста на турнирот не се само имињата и резултатите. Тоа е атмосферата на трибините, играњето под рефлектори, близината на езерото и чувството дека новата ракометна сезона традиционално започнува токму во Струга.
Шест екипи со различни приказни и големи амбиции
На годинашното издание ќе настапат пет македонски екипи – Вардар, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп и домаќинот Струга, како и српскиот претставник Дубочица 54 од Лесковац.
Шесте екипи треба да бидат поделени во две групи со по три учесници, по што ќе следуваат натпреварите за конечен пласман. Официјалниот состав на групите и комплетниот распоред ќе бидат објавени дополнително.
Секој од учесниците во Струга пристигнува со своја приказна, нов состав и различни цели пред почетокот на сезоната.
Вардар – освојувачот на двојната круна се враќа во Струга
Најзвучното име меѓу учесниците е Вардар, кој се враќа на турнирот откако не настапи на минатогодишното издание.
„Црвено-црните“ зад себе имаат успешна сезона во која ги освоија шампионската титула и Купот на Македонија. Како актуелен освојувач на двојната круна, Вардар ќе биде еден од главните кандидати за трофејот во Струга. Во Европа стигнаа меѓу осумте најдобри во Лига Европа.
Скопскиот клуб е и еден од најуспешните во историјата на турнирот, со 14 освоени трофеи. За новиот состав ова ќе биде важна проверка пред стартот на домашните и европските предизвици.
Охрид – бранителот пристигнува како европски шампион
Oхрид ќе пристигне во Струга како бранител на трофејот. Минатото лето „гладијаторите“ во финалето го победија Бутел Скопје со 30-24 и првпат во клупската историја го освоија турнирот.
Во меѓувреме, Охрид ја одигра најуспешната сезона во својата историја. Тимот беше финалист во Купот на Македонија, а најголемиот успех го оствари во Европа, каде што го освои ЕХФ Европскиот куп.
Со победата над Татабања во финалниот двомеч, Охрид стана европски шампион и се запиша меѓу македонските клубови со освоен европски трофеј. Во Струга ќе настапи со нов состав, но и со уште поголеми очекувања по историската сезона.
Бутел Скопје – нова ера со Стојанче Стоилов
Бутел Скопје минатата година играше во финалето на турнирот, а ова лето отвора нова страница во клупската историја. На тренерската позиција пристигна Стојанче Стоилов, кој го презеде тимот со идеја да продолжи концептот на работа со млади македонски ракометари.
Бутел направи големи промени во составот и влегува во новата сезона со подмладена екипа, надополнета со неколку поискусни имиња. Меѓу новите ракометари е и искусниот голман Градимир Чаневски, кој треба да донесе сигурност и лидерство.
Турнирот во Струга ќе биде прва можност да се види како ќе изгледа новиот Бутел под водство на Стоилов.
Струга – домаќинот брзо состави силен и конкурентен тим
Домаќинот имаше неизвесно лето. По поразот од Младост Богданци во баражот, Струга првично остана без место во Супер лигата, но по откажувањето на Пролет повторно доби можност да настапува во најсилната домашна конкуренција.
Раководството мораше брзо да реагира и за кратко време започна да формира силен и конкурентен тим за новата сезона.
Во Струга пристигнаа повеќе ракометари со суперлигашко искуство, некои и со интернационално искуство. Целта е домаќинот да не биде само организатор и учесник на турнирот, туку екипа што ќе може рамноправно да се натпреварува со сите ривали.
Пред домашната публика и на својот турнир, стружани секогаш имаат дополнителен мотив. Ова ќе биде и првата вистинска можност навивачите да го видат новиот состав.
Прилеп – целта е враќање во плеј-офот
Прилеп во новата сезона влегува со поголеми амбиции. По неколку сезони минати во борбата за опстанок, прилепчани сакаат повторно да бидат дел од плеј-офот и разигрувањето за висок пласман.
Тренерот Наум Танески остана на клупата, а клубот донесе неколку нови ракометари. Голманската позиција беше засилена со искусниот Благојче Трајкоски, додека во составот пристигнаа и Петар Маркоски, Андреј Стојановски…
Прилеп го задржа и најдобриот стрелец Димитар Димитриоски, кој треба повторно да биде еден од носителите на играта. Турнирот во Струга ќе биде важен тест за прилепчани и можност да покажат дека амбициите за пласман во плеј-офот имаат реална основа.
Дубочица – европско деби по седум децении
Меѓународниот карактер на турнирот годинава ќе го донесе Дубочица 54 од Лесковац. Српскиот клуб зад себе има историска сезона во која обезбеди пласман во европските купови. Лесковац чекаше околу 70 години за ваков успех, а Дубочица во новата сезона првпат ќе се претстави на европската сцена.
Станува збор за клуб со долга традиција, кој некогаш под името Партизан бил дел од првата сезона на југословенската сојузна лига во 1957/58 година.
Настапот во Струга ќе биде важен дел од подготовките за европското деби и можност Дубочица да ја провери формата против пет македонски суперлигаши.
Почнуваме со претставување на сите учесници
Со оваа генерална најава, 24Ракомет ја започнува серијата текстови посветени на 54. издание на турнирот „Вангел Баљукоски – Баљук“.
Во следните денови одделно ќе ги претставиме сите шест учесници. Ќе пишуваме за нивните состави, новите засилувања, тренерите, подготовките, амбициите и очекувањата пред доаѓањето во Струга.
Ќе следуваат и историски текстови, статистики, занимливости, разговори со ракометари и тренери, како и потсетување на најважните моменти од повеќе од пет децении турнирска традиција.
Сите натпревари во живо на 24Ракомет
24Ракомет и годинава ќе биде медиумски партнер на Меѓународниот ракометен турнир во Струга.
Нашата редакција секојдневно ќе известува од турнирот со резултати, извештаи, изјави, интервјуа, фотографии, видеа и сите најважни информации од теренот и надвор од него.
Сите натпревари од „Струга 2026“ ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет, со што љубителите на ракометот ќе можат да ја следат целата турнирска програма без разлика каде се наоѓаат.
Од 12 до 15 август, ракометот повторно ќе живее покрај езерото. Традицијата продолжува, новите екипи се подготвуваат, а Струга повторно ќе биде местото каде што официјално започнува новата ракометна сезона.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________























