Еурофарм Пелистер нема најголема сала – ама има нешто што ниту Барселона, ниту Берлин го немаат!

Еурофарм Пелистер можеби не е меѓу клубовите со најголеми арени во Лигата на шампионите, но според официјалните записници на ЕХФ, битолскиот тим е прв по исполнетост на својата сала. На сите седум домашни натпревари биле запишани по точно 3.000 гледачи.

Еурофарм Пелистер ја заврши сезоната во Лигата на шампионите со една интересна статистика, која уште еднаш ја потврдува посебната ракометна атмосфера во Битола.

Според анализата на посетеноста на сите домашни натпревари во Лигата на шампионите во сезоната 2025/26, македонскиот шампион формално има највисок процент на исполнетост на арената.

Во официјалните записници на ЕХФ за сите седум натпревари во Битола се наведени по точно 3.000 гледачи. Со оглед на пријавениот капацитет на салата, тоа значи исполнетост од 100%.

Битола повторно беше едно од местата каде што на натпреварите од Лигата на шампионите немаше празно столче.

Нант останал со само 86 празни места во цела сезона

Најблиску до oние 100% на Еурофарм Пелистер е Нант, кој забележал неверојатна исполнетост од 99,9%.

Францускиот клуб на девет домашни натпревари собрал вкупно 57.754 гледачи, најмногу од сите учесници во Лигата на шампионите. Вкупниот расположлив капацитет на салите во кои играл изнесувал 57.840 места, што значи дека во текот на целата европска сезона останале празни само 86 седишта.

Нант осум натпревари одиграл во „H Arena“, со капацитет од 5.902 гледачи, додека дуелот со Келце го преселил во поголемата „Hall XXL Nantes“. Токму тој натпревар го поставил рекордот на сезоната – на трибините имало 10.624 гледачи.

Французите практично покажале како може паметно да се користат две различни сали. Редовните натпревари се играле во помала и преполна арена, а за мечот со најголем интерес била отворена многу поголема сала.

Фуксе Берлин има најдобар просек

Фуксе Берлин е клубот со највисока просечна посетеност. На осум домашни натпревари имал вкупно 54.066 гледачи, односно просечно по 6.758 на еден меч.
Сепак, поради капацитетот на „Макс Шмелинг Хале“ од околу 9.000 места, просечната исполнетост била 75,1%. Најпосетен бил реваншот од четвртфиналето против Веспрем, кога на трибините имало 8.796 гледачи.

Магдебург е трет по просечна посетеност со 6.192 гледачи и исполнетост од 93,8%. Ниту еден од неговите осум домашни натпревари не бил следен од помалку од 5.886 гледачи.

Барселона освои сè, но салата останува полупразна

Каталонскиот гигант ја освои својата 12. титула во Лигата на шампионите, откако во финалето го совлада Фуксе Берлин со 37-34. Но според посетеноста на домашните натпревари, европскиот шампион завршил во долниот дел од табелата.

На осум натпревари во „Палау Блауграна“ биле регистрирани вкупно 18.827 гледачи, односно само 2.353 во просек. Салата има капацитет од 7.585 места, па просечната исполнетост изнесувала само 31%.

Дури и на реваншот од четвртфиналето против Нант, на кој Барселона го завери пласманот на завршниот турнир, имало само 3.645 гледачи. Тоа значи дека ниту еден од најважните натпревари во сезоната не успеал да ја исполни ниту половина сала.

Барселона е доказ дека трофеите и големото име не носат автоматски полни трибини. Клубот има повеќе успешни спортски секции кои се борат за вниманието на истата публика, а ракометот очигледно не секогаш е прв избор.

Загреб има над 5.000 гледачи, но исполнетоста е само една третина

Интересен пример е и Загреб. Хрватскиот шампион имал просечно по 5.115 гледачи, што е повеќе од посетеноста на Веспрем, Висла Плоцк и Келце. Но натпреварите се играат во огромната „Арена Загреб“, со капацитет од околу 15.200 места, па просечната исполнетост била едвај 33,6%.

Најпосетен бил натпреварот против Барселона со 8.750 гледачи, додека на најслабо посетениот меч имало 2.175.

Тоа е најдобар показател дека бројот на гледачи и процентот на исполнетост не можат секогаш да се гледаат одделно. Пет илјади луѓе можат да создадат одлична атмосфера во помала сала, но во арена со 15.000 седишта на телевизија и натаму се гледаат големи празни сектори.

Повеќе од половина милион гледачи

Во анализата беа вклучени 128 домашни натпревари од групната фаза, плеј-офот и четвртфиналето. Завршниот турнир во Келн не е земен во предвид, бидејќи се игра на неутрален терен.

Вкупно беа регистрирани 542.385 гледачи, а просечната посетеност изнесува 4.237 гледачи по натпревар.

Само три клуба ја надминаа границата од 6.000 гледачи во просек – Фуксе Берлин, Нант и Магдебург. Девет од вкупно 16 учесници имаа просек поголем од 4.000 гледачи. По исполнетост на арената, зад 100% на Еурофарм Пелистер следуваат Нант со 99,9, Олборг со 98,9 и Келце со 98,3%.

Бројките можат да се толкуваат на различни начини, но едно е јасно – Битола и натаму е меѓу најжешките ракометни градови во Европа. Еурофарм Пелистер нема најголема сала и нема најголем број гледачи, но има публика што редовно го исполнува својот дом и создава атмосфера по која клубот е препознатлив и надвор од Македонија.

Во новата сезона и по четири години пауза, Лигата на шампионите се враќа во Скопје и Вардар ќе игра со Мелсунген, Висла Плоцк и Нант, па пред „црвено-црните“ навивачи има голем предизвик – да ја исполнат „Јане Сандански“ до последно место и да бидат осмиот играч на нивниот миленик.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________