Предлогот помина на конференцијата на клубовите, па од новата сезона странски ракометари нема да имаат право на настап во Првата лига, која ќе брои 14 екипи. Ракометната федерација на Македонија од новата сезона воведува важна промена во Првата лига – странски ракометари нема да имаат право на настап во ова натпреварување.
Предлогот помина на конференцијата на клубовите и ќе важи за сезоната 2026/2027, што значи дека клубовите од вториот ранг веќе нема да може да се потпираат на странски засилувања. Првата лига треба да биде простор во кој поголема шанса ќе добијат македонските ракометари, особено младите играчи кои треба да собираат минутажа, искуство и натпреварувачки континуитет.
Во Првата машка лига ќе учествуваат 14 клубови, а меѓу нив се Драчево Јуниор, Шампион, Вардар Неготино, Радовиш, Преспа 2025, Партизан 2016 Спорт, Аеродром, Илинден, Пролет 62, Текстилец УГД, Овче Поле 1958, Јехона, Македонија Ѓорче Петров и Сокол Саса.
Новото правило е кратко и прецизно формулирано – „Во Прва машка лига странски ракометари немаат право на настап“. Со тоа, од оваа сезона клубовите од Првата лига ќе мора да ги градат составите со домашни ракометари.
Првата лига е натпреварување од кое се влегува во елитата, но во исто време е и најнискиот сениорски ранг во македонскиот ракомет. Затоа оваа одлука може да има сериозно влијание врз развојот на домашните играчи. Наместо клубовите да бараат брзи решенија од странство, ќе мора повеќе да се потпрат на сопствените школи, на локалните играчи и на ракометари кои бараат поголема минутажа.
Во сезоната 2026/2027 натпреварувањето ќе се игра во една група, според двокружен систем дома-гости, со вкупно 26 кола. Првопласираниот тим директно ќе обезбеди место во Супер лигата за сезоната 2027/2028, додека второпласираниот ќе игра бараж против 11-пласираниот тим од суперлигашкиот плеј-аут.
Со тоа, лигата останува директен пат кон најсилното домашно натпреварување, но сега со поинаква логика – до Супер лига ќе се стигнува со состави во кои главниот товар ќе треба да го носат македонски ракометари.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон
VIBER GROUP – https://abit.ly/viber-24rakomet
Со еден клик до сите вести.
























