ИОК привремено ја укина суспензијата на Рускиот олимписки комитет, што е голем чекор кон враќање на руските спортисти на меѓународната сцена пред Олимписките игри во Лос Анџелес 2028, но одлуката не значи автоматски камбек во сите спортови и федерации.
Рускиот олимписки комитет беше суспендиран во октомври 2023 година, откако призна регионални олимписки совети во окупираните украински области Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, што ИОК тогаш го оцени како кршење на Олимписката повелба и на територијалниот интегритет на украинскиот олимписки комитет. Сега ИОК соопшти дека РОК потврдил оти не спроведува и нема да спроведува активности во тие територии, поради што извршниот одбор решил да ја тргне суспензијата.
Практичната последица е јасна – руските спортисти повторно ќе можат да се појават на многу меѓународни натпреварувања, вклучително и во квалификациите за Лос Анџелес 2028. Сепак, ИОК засега нема донесено одлука дали Русија ќе може да настапува под своето знаме, бои и химна на самите Олимписки игри. Претседателката на МОК, Кирсти Ковентри, порача дека спортистите не треба да плаќаат цена за постапките на своите влади.
Но, клучниот детаљ е дека ова не е наредба што автоматски ги обврзува сите меѓународни федерации. ИОК им ја отвори вратата, но секоја федерација и натаму самостојно одлучува. Токму затоа веќе е јасно дека нема да има целосно единствен пристап: Светската атлетика и натаму ја задржува забраната за Русите и Белорусите, а во фудбалот ФИФА и УЕФА продолжуваат со исклучувањето на Русија од натпреварувањата.
Во однос на ракометот, последната официјална одлука на ИХФ, од 24 март 2026 е дозволен само постепен и ограничен повраток на руските и белоруските младински селекции, и тоа само за самостојно организирани пријателски натпревари и турнири. Значи, не станува збор за целосен камбек во официјалните ИХФ натпреварувања.
Кај сениорскиот ракомет, состојбата формално останува иста: ИХФ во март 2022 ги забрани сите тимови, функционери, судии и експерти од Русија и Белорусија „до понатамошно известување“, а ЕХФ уште од февруари 2022 ги суспендираше националните тимови и клубовите од Русија и Белорусија „до понатамошно известување“
Сепак, темата не е затворена. ИОК нагласува дека ќе продолжи внимателно да ја следи секоја активност на Рускиот олимписки комитет, а сите руски спортисти што ќе се враќаат во меѓународни натпреварувања ќе мора да ги исполнат антидопинг условите. Од друга страна, украински спортисти и некои меѓународни спортски организации веќе ја критикуваа одлуката, оценувајќи ја како погрешна и прерана.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























