Германија е нов светски шампион во женска младинска конкуренција, откако во финалето на Светското првенство во Кина ја совлада Данска со убедливи 33:26 и по вторпат во историјата се искачи на светскиот трон.
Во репризата на финалето од 2008 година, Германките повторно беа подобри од Данска и со осмата победа во исто толку натпревари го завршија турнирот без ниту еден пораз.
Данска отвори подобро и преку првиот стрелец на шампионатот, Кристине Емилие Хопе, поведе со 5:2. Сепак, Германија брзо се врати во натпреварот благодарение на одличната реализација на крилото Кјара Рор, која беше максимално прецизна во првото полувреме. До паузата Германките направија пресврт и заминаа на одмор со минимална предност од 15:14.
Во второто полувреме клучна улога имаше голманката Лена Мари Линдеман, која со серија важни интервенции ја запре данската офанзива. Германската селекција ја искористи поголемата ротација и свежината, создаде неколку гола предност и не дозволи противникот повторно да се врати во игра.
Најефикасна во победничкиот тим беше Кјара Рор со осум погодоци, додека Руслана Литвинов додаде пет гола. Кај Данска, Хопе беше најдобар стрелец, но по одличниот старт беше целосно запрена во продолжението од натпреварот.
Со оваа победа Германија ја освои втората светска титула во оваа возрасна категорија, по онаа во 2008 година, додека Данска го освои своето четврто сребро и вкупно деветти медал на младинските светски првенства.
Франција го освои бронзениот медал откако славеше против Шпанија со 24:21, а Црна Гора е петта на СП по триумфот над Србија со 34:28.

























