Иако постоеше интерес од најголемите европски клубови, се чини дека словенечкото „чудо од дете“, Аљуш Анжиќ, според пишувањата на „Handbalia“ ќе се пресели во унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед.
Анжиќ важи за еден од најголемите словенечки таленти на својата позиција. И покрај младоста, веќе има настапи во најсилната словенечка лига во дресот на Целје, а со своите игри го привлече вниманието на повеќе европски клубови.
Сепак, изборот падна на ПИК Сегед, каде што ќе има можност да продолжи да се развива во една од најсилните средини во европскиот ракомет. Анжиќ има активен договор со Целје, па унгарскиот тим ќе треба да плати соодветна оштета ако го сака во своите редови.
Тој минатата сезона во дресот на Целје во сите конкуренции даде 275 погодоци, а беше најзаслужен за пласманот на словенечкиот шампион во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп, каде беше елиминиран од Охрид.
ПИК Сегед ова лето го загуби Смарасон, Кукиќ е повреден, а досега на таа позиција се засили само со Петер Лукач, кој сигурно нема да може сам да го изнесе товарот на среден бек, па ангажманот на Анжиќ следува како логичен потег на клубот.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________


























