Скандал во АЕК Атина: Ракометарите со петиција поради неисплатени плати и лоши услови!

Голем скандал го тресе грчкиот ракомет. Играчите на АЕК Атина покренаа јавна петиција во која бараат од клупското раководство да преземе одговорност за, како што наведуваат, сериозните финансиски и организациски проблеми со кои се соочувале во текот на сезоната 2025/26.

Во петицијата, ракометарите тврдат дека со месеци не добивале плати, а дел од нив не ги добиле ниту договорените бонуси. Покрај финансиските проблеми, тие посочуваат и на лоши услови за работа, организациски пропусти и недоволна грижа за тимот.

Според играчите, ваквата ситуација негативно влијаела не само на нивната професионална кариера, туку и на нивниот приватен живот, бидејќи многумина останале без основни средства за живот и биле принудени сами да ги покриваат секојдневните трошоци.

Во документот се нагласува дека и покрај сите проблеми, ракометарите останале професионални и до самиот крај ги исполнувале своите обврски, достојно претставувајќи го клубот на домашната и европската сцена.

Со петицијата тие бараат исплата на сите заостанати финансиски обврски, поголема транспарентност во работењето на клубот, почитување на договорите со играчите и подобри услови за работа и професионален однос кон ракометарите.

Петицијата е јавно објавена на платформата „Change.org“, а играчите се надеваат дека ќе добие поддршка од ракометната јавност и ќе изврши притисок врз клупското раководство за конечно решавање на проблемите.

АЕК Атина е еден од најтрофејните грчки ракометни клубови и редовен учесник во европските натпреварувања, па ваквите обвинувања предизвикаа големо внимание во ракометната јавност. Сериозно нарушување на имиџот имаше лани по познатите инциденти во финалето на ЕХФ Европскиот Куп против тимот на Кирил Лазаров, за што АЕК доби двегодишна суспензија од Европа.

Засега клубот нема официјален одговор на наводите изнесени во петицијата.