Португалскиот гигант Бенфика прави сериозни промени во составот по завршувањето на сезоната. Клубот официјално се раздели со седум ракометари, чии договори завршуваат на 30 јуни, а во Лисабон очигледно следува големо освежување на ростерот за новата сезона.
Од Бенфика си заминуваат Габриел Кавалканти, Стивен Валенсија, Мигел Санчез, Рангел да Роса, Рениер Табоада, Ел Корчи и Кристијан Олсен. Клубот преку своите официјални канали им се заблагодари на сите ракометари за придонесот и им посака среќа во продолжението од кариерата.
„Клубот им се заблагодарува на сите ракометари и им посакува среќа во иднина“, објави Бенфика.
Заминувањето на седуммина играчи значи дека Бенфика ќе има значително поинаков изглед во следната сезона. Лисабонскиот тим изминатата сезона ја заврши на третото место во португалскиот шампионат, зад шампионот Спортинг и зад Порто, што очигледно беше сигнал за промени во тимот.
Бенфика важи за еден од најголемите спортски колективи во Португалија и клуб со богата ракометна традиција. Во последните години „орлите“ беа редовно меѓу главните конкуренти во домашниот шампионат, а најголемиот европски успех го имаа во сезоната 2021/22, кога ја освоија ЕХФ Европската лига.
Сега клубот влегува во нова фаза. Со разделбата со седум ракометари, Бенфика отвора простор за нови засилувања и за обид повторно да се врати во битката за врвот во Португалија, каде конкуренцијата со Спортинг и Порто останува исклучително силна.
Замина и тренерот Хавиер Хота Гонзалез, а на негово место е ангажиран шведскиот стратег Aндерс Халберг.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________


























