Јапонија сензационален четвртфиналист на СП, познати двојките на патот до титулата

Познати се сите патници во четвртфиналето на Светското првенство за младинки во Кина, откако Норвешка го грабна последниот билет меѓу најдобрите осум со победата од 30-27 над Унгарија.

Со тоа е комплетиран и четвртфиналниот распоред. Германија ќе игра против Норвешка, Франција ќе се соочи со Црна Гора, Данска ќе ги одмери силите со Србија, додека Јапонија ќе се пресмета со Шпанија.

Актуелниот светски шампион Франција ја потврди доминацијата во главната фаза со убедлива победа од 31-19 над Србија. Французинките ја забележаа петтата победа во низа на турнирот и го освоија првото место во групата, а клучна беше серијата од 7-0 на стартот од второто полувреме. Голманката Леан Гонзалес блескаше со 11 одбрани и дури 65% успешност, заслужувајќи ја наградата за МВП на натпреварот.

Во најдраматичниот дуел за место во четвртфиналето, Норвешка ја совлада Унгарија со 30-27. Ада Олстад одигра извонреден натпревар и постигна 12 голови, предводејќи ја својата селекција до голем пресврт во второто полувреме. Со четири освоени бода Норвежанките завршија втори во групата, додека Унгарија ќе игра за пласман од 13 до 16 место.

Германија приреди спектакуларен пресврт против Шпанија и славеше со 29-28, иако на полувремето имаше негатива од пет голови (13-18). Германките со серија од 6-0 во завршницата првпат поведоа на помалку од две минути до крајот, а Чијара Рор го постигна победничкиот погодок непосредно пред звукот на сирената. Голманката Лина Штајнеке беше прогласена за играч на натпреварот.

Данска и Црна Гора одиграа возбудлив натпревар без победник, 32-32. Двете селекции завршија со по пет бода, но Данска го освои првото место во групата благодарение на подобрата гол-разлика, додека Црна Гора како второпласирана избори место во четвртфиналето.

Јапонија обезбеди пласман меѓу најдобрите осум со победата од 22-18 против Полска. Азиската селекција уште во првото полувреме создаде убедлива предност, а голманката Хана Осаки со 11 одбрани беше најзаслужна за триумфот.

Во останатите натпревари, Романија ја совлада Република Кореја со 26-22 и ќе игра за пласман од 9 до 12 место, додека Чешка беше подобра од Кина со 36-29 и исто така ќе се бори за позициите од 9 до 12 место.

СП младинки, четвртфинале:

Германија – Норвешка
Франција – Црна Гора
Данска – Србија
Јапонија – Шпанија