Целје му посака добредојде на Узунчев: Со настапите во ЛШ ќе се исполни мојот сон!

Најдобриот млад ракометар за минатата сезона во Ол Стар тимот на 24Ракомет, Димитар Узунчев, денеска беше промовиран во дресот на Целје.

Словенечкиот шампион го потврди тоа што го најави 24Ракомет пред месец дена, а Узунчев потпиша договор до 2028 година, со можност соработката да биде продолжена за уште една сезона.

Целје ќе биде дел од Лигата на шампионите наредната сезона и Узунчев ќе има можност да ги покаже своите квалитети против Загреб, Алборг и ПСЖ. Тренерот Клемен Лужар искажа задоволство од ангажманот на младиот Македонец.

„Со оглед на тоа што Маи Маргуч ќе биде отсутен подолг период, баравме решение за неговата позиција. Продолжуваме да ја следиме нашата филозофија, која се темели на млади таленти и брза игра. Убедени сме дека Димитар може успешно да ја пополни таа празнина. Тој е сличен тип на играч како Маргуч и во штотуку завршената сезона беше еден од најдобрите млади ракометари во силната македонска лига. Беше дел од сите младински репрезентации на Македонија и има меѓународно искуство. Ова сигурно ќе биде голем чекор напред и за него и ми е драго што ја избра нашата средина“, изјави Лужар.

Возбудата не ја криеше ниту Узунчев, кој истакна дека трансферот во Целје претставува исполнување на неговите детски соништа.

„За мене трансферот во Целје Пивоварна Лашко е огромен чекор во кариерата и голема чест. Целје е клуб со богата традиција и препознатлив по развојот на млади играчи. Среќен сум што ќе бидам дел од оваа приказна. Настапот во Лигата на шампионите е исполнување на мојот ракометен сон и верувам дека тоа ќе ми помогне дополнително да напредувам како играч. Ќе дадам сè од себе за да ја оправдам довербата и да му помогнам на тимот да оствари што подобри резултати“, порача македонскиот ракометар.

Узунчев потекнува од Гевгелија, првите ракометни чекори ги направи во родниот град, а беше дел од тимот на „витамините“ од Автокоманда, но вистинската шанса и минутажа ги доби во Бутел Скопје.

Беше дел од кадетската и младинската репрезентација на Македонија и настапи под водство на Раде Стојановиќ на четири големи натпреварувања, од кои последно на СП 2025 во Полска.

Минатата сезона во дресот на Бутел Скопје, Узунчев постигна 134 погодоци на 31 натпревар. Во моментов на десната бековска позиција во Целје играат ветеранот Жига Млакар и надежниот Маи Маргуч, кој ќе биде отсутен подолго време од терените.