Никола Портнер е нов голман на ПИК Сегед – потпиша до 2029 година

Унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед официјално го потврди ангажманот на швајцарскиот репрезентативен голман Никола Портнер, кој од новата сезона ќе го брани голот на клубот. Портнер потпиша договор со Сегед до летото 2029 година.

32-Годишниот чувар на мрежата пристигнува од германскиот гигант Магдебург, каде што настапуваше од 2022 година и беше еден од клучните играчи во освојувањето на титулата во Лигата на шампионите во 2025. Со своето огромно искуство ќе биде едно од најважните засилувања за тимот на Михаел Апелгрен во новата сезона.

Портнер зад себе има богата кариера, настапувајќи за Кадетен Шафхаузен, Монпелје, Шамбери и Магдебург, а со швајцарската репрезентација е стандарден репрезентативец на големите натпреварувања.

„Горд сум што станувам дел од клуб со голема традиција и високи амбиции. Со нетрпение очекувам да застанам на голот на ПИК Сегед и да им помогнам на моите нови соиграчи во борбата за трофеи“, порача Портнер по потпишувањето на договорот.

Со ангажманот на искусниот голман, ПИК Сегед дополнително го засилува ростерот за новата сезона, во која клубот ќе има високи амбиции во домашното првенство и во Лигата на шампионите.

Портнер во ПИК Сегед ќе брани во дуо со ветеранот Роланд Миклер, бидејќи се очекува Тобијас Тулин да замине во Бундес лигата.