Војводина тргна во реконструкција – договорени три засилувања за новата сезона

Војводина веќе почна да го крои тимот за новата сезона, а според „Моцарт Спорт“, клубот од Нови Сад веќе договорил три засилувања – Данило Радовиќ, Ник Чировиќ и Лука Паниќ, па на лето во Охрид на турнирот „Крсте Андоновски“ ќе дојде со реновиран ростер.

Според најавите од Србија, Војводина влегува во нов циклус со подмладен состав и со поинаква кадровска политика, а првите потези веќе се насочени кон освежување на ростерот на неколку важни позиции. Најблиску до тимот се бековите Данило Радовиќ и Ник Чировиќ, како и пивотот Лука Паниќ, тројца играчи кои треба да донесат нова енергија и поголема длабочина во ротацијата.

Радовиќ е име добро познато на српската сцена. По периодот во Динамо Панчево, тој мина и низ германскиот Минден, а во меѓувреме беше дел и од репрезентацијата на Србија на Европското првенство во 2022 година. Може да покрие повеќе позиции во бековската линија, а во Војводина доаѓа по долг и тежок период на закрепнување по сериозна повреда на рамото.

Словенецот Ник Чировиќ, пак, зад себе има добра полусезона во Металопластика и важи за играч што може да помогне и на лев и на среден бек. Станува збор за ракометар школуван во системот на Целје, а според бројките од пролетниот дел од сезоната во Србија, покажа дека може да биде сериозно решение во нападот. Во Нови Сад го гледаат како една од поважните опции во новата бековска линија.

Третото најавено засилување е Лука Паниќ, млад пивот од Кикинда и поранешен младински репрезентативец на Србија. Тој треба да ја пополни празнината на линијата од шест метри по заминувањето на Андрија Станков во Нексе. Паниќ е еден од младите играчи од кои се очекува брз развој, а трансферот во Војводина за него би бил голем чекор напред во кариерата.

Војводина повторно ќе има европски предизвици, а паралелно ќе игаат и во новиот регионален проект, во кој треба да бидат вклучени и македонските екипи Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Охрид, како и две екипи од Црна Гора, заедно со Партизан, Дубочица Лесковац и Динамо Панчево.