Дала изјава по меч – па си поднела оставка

Членката на УО на Ракометната федерација на Унгарија, Ерика Киршнер, поднесе оставка поради непримерна изјава дадена по натпревар од младинското првенство.

Поранешната ракометарка, која со Унгарија ја освои европската титула во 2000 година, реши сама да се повлече од функцијата, оценувајќи дека нејзината реакција не била достојна за позицијата што ја извршувала.

Киршнер во своето обраќање објасни дека на натпреварот била присутна како родител, но дека по мечот си дозволила да даде изјава што ја смета за неспоива со нејзината улога во федерацијата.

„По натпреварот од младинското првенство, додека бев во улога на родител, дадов изјава што не беше достојна за функцијата што ја извршував во федерацијата. Жал ми е за тоа што се случи, но не можам да се правам дека тоа не се случило. Затоа донесов одлука да се повлечам од функцијата член на УО“, изјави Киршнер за унгарските медиуми.

Во објавените информации не се наведува за кој точно натпревар станува збор, што точно кажала Киршнер и кон кого биле насочени нејзините зборови. Не била поведена дисциплинска постапка, туку станува збор за лична одлука на поранешната унгарска репрезентативка.

УО на федерацијата ја прифатил нејзината оставка и изразил надеж дека Киршнер и надвор од раководната структура ќе продолжи да работи во интерес на унгарскиот ракомет.

Киршнер беше дел од тимот на Херц Ференцварош кој играше во финалето на Лигата на шампионите против Кометал Ѓорче Петров во 2002 годината, а потоа настапуваше и за австрискиот Хипо. Во моментов ја извршува претседателската функција во клубот Вац.