Искусниот руски голман Виктор Киреев официјално стави крај на својата богата играчка кариера.
По завршувањето на активното играње, 39-годишниот чувар на мрежата останува во редовите на Зенит Санкт Петербург, каде ќе ја извршува функцијата тренер на голманите.
Киреев во дресот на Зенит ги освои титулата шампион на Русија и трофејот во СЕХА лигата (Дивизија Исток), додека на европската сцена најголемиот успех го оствари со германскиот Фуксе Берлин, со кој во 2023 година ја освои титулата во Лигата на Европа.
Во текот на својата кариера настапуваше и за Каустик, Нева и украински Мотор, оставајќи длабока трага во сите клубови чии бои ги бранеше.
„Останувам во структурата на клубот, но во нова улога. Како играч со Зенит постигнавме големи успеси – станавме шампиони на Русија и го освоивме трофејот во СЕХА лигата. Тоа беше наша заедничка цел и успеавме да ја оствариме. Посебна благодарност до навивачите, кои секогаш беа со нас и во победите и во поразите. Во новата сезона мојата главна цел ќе биде развојот на нашите голмани и пренесувањето на моето знаење и искуство“, изјави Киреев.
Со ова завршува успешната играчка кариера на еден од најдобрите руски голмани во последните две децении, кој сега ќе се обиде своето богато искуство да го преточи во тренерска работа.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________


























