Вистинска драма се случила на традиционален ракометен фестивал во германскиот град Раштат, каде што девет лица биле повредени по удар на молња во кампот на учесниците.
Според информациите на „Билд“, невремето со силен ветер и обилни врнежи го прекинало почетокот на натпреварувањето на кое требало да настапат дури 120 екипи. Додека спортистите барале засолниште во шаторскиот камп, околу 23 часот на 21 јуни, удрила молњаво непосредна близина на учесниците.
Во инцидентот повредени се девет лица, меѓу кои и 13-годишно дете. Шестмина биле пренесени во болница, а на едно лице му била укажана сериозна медицинска помош. Според лекарите, и покрај тежината на повредите, никој од повредените не е во животна опасност.
Локалната полиција веднаш започнала истрага за околностите под кои се случил инцидентот, додека организаторите на фестивалот биле принудени привремено да ги прекинат сите активности.
Настанот предизвика големо внимание во германската јавност, особено поради фактот што станува збор за еден од најголемите ракометни фестивали во регионот.

























