Матијас Гидсел откри до кога планира да игра!

Еден од најдобрите ракометари на денешницата, Матијас Гидсел, верува дека може да игра на највисоко професионално ниво уште најмалку шест до седум години.

Во интервју за германските медиуми, данскиот ас истакна дека и натаму е максимално мотивиран и ужива во ракометот, па затоа не гледа причина наскоро да се повлече од терените.

„Се надевам дека ќе играм на професионално ниво уште најмалку шест или седум години“, изјави Гидсел.

Покрај спортските амбиции, тој зборуваше и за приватниот живот. Гидсел откри дека заедно со својата партнерка Катрин планира да создаде семејство во Берлин, градот во кој настапува за Фуксе.

Иако е свесен дека играчката кариера нема да трае вечно, Данецот нагласи дека не се плаши од животот по ракометот. Напротив, сака и понатаму да остане дел од спортот, иако засега нема конкретен план во каква улога би продолжил.

На 27-годишна возраст, Гидсел веќе важи за еден од најуспешните ракометари во светот, а неговите најави сигурно ќе ги израдуваат навивачите кои очекуваат уште многу години да уживаат во неговите мајстории на теренот.