Романската ракометна федерација ќе биде организатор на историското прво издание на завршниот турнир во ЕХФ Евро Купот, кој ќе се одржи на 26 и 27 септември 2026 година во салата „Поливалента“ во Букурешт.
На завршниот турнир ќе настапат четирите најдобри селекции од ЕХФ Евро Купот – Романија, Унгарија, Данска и Норвешка.
Полуфиналните дуели ќе се играат на 26 септември, кога Норвешка ќе се сретне со Унгарија, а Данска ќе игра против домаќинот Романија. Ден подоцна ќе бидат одиграни натпреварот за третото место и големото финале.
Ова ќе биде првпат ЕХФ Евро Купот да добие посебен завршен турнир во формат Ф4. Натпреварувањето се играше паралелно со квалификациите за Европското првенство 2026 и ги обедини домаќините на континенталниот шампионат – Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција, како и освојувачите на медали од Европското првенство 2024 – Норвешка, Данска и Унгарија.
Завршниот турнир ќе биде одлична увертира за Европското првенство 2026, кое ќе се одржи од 3 до 20 декември во пет земји домаќини.























