Екипата на Куманово продолжува активно да го гради ростерот за новата сезона во македонската Супер лига. По обезбедениот опстанок, клубот започна со засилувања на позициите што останаа испразнети по заминувањето на неколку ракометари.
По ангажманот на Наум Костов и Филип Мечкароски, кумановци се пред договор и со кружниот напаѓач Марко Трајковски.
Станува збор за 25-годишен ракометар, но со големо суперлигашко искуство од минатите сезони во македонската елитна конкуренција. Тој беше дел од составот на Пролет минатата сезона, а претходно играше во многу други суперлигаши.
Трајковски е поранешен репрезентативец на Македонија во младинските категории, почна во Пролет во младинските категории, а потоа играше за Бутел Скопје, Јуниор КВ, Тиквеш, Прилеп, две сезони мина во Голден Арт, а пред да се врати во Пролет играше и за велешки Борец ФЛ.
Куманово остана без Давид Димевски, Тоше Ончев, Борјан Цековски, Мартин Иванов и Александар Стојков.

























