Ракометарите на Прилеп ја завршија сезоната во македонската Супер лига со победа на гостувањето кај Еурофарм Пелистер 2, славејќи со 28-24 во последното коло од плеј-аутот.
Дуелот во Битола беше пресметка на двата најдобри тима во плеј-аутот, но Прилеп уште еднаш потврди дека во овој дел од сезоната е најстабилниот и најдобриот состав.
Интересно, двете полувремиња завршија со идентичен резултат. Прилеп на пауза замина со предност од 14-12, а со исти 14-12 го доби и вториот дел, за конечни 28-24.
Најдобар поединец на натпреварот беше Димитар Димитриоски, кој го предводеше Прилеп со десет постигнати голови. Во составот на Еурофарм Пелистер 2 најефикасни беа Маркоски и Шулески, кои постигнаа по седум голови.
Со оваа победа Прилеп го заокружи плеј-аутот на совршен начин – со десет победи од десет одиграни натпревари.
























