Средниот бек на Охрид, Косуке Јасухира, испрати силна и мотивирачка порака пред реваншот од финалето во ЕХФ Европскиот Куп против унгарска Татабања, натпревар кој може да донесе историски успех за охридскиот клуб.
Македонскиот тим во реваншот ќе влезе со минимална предност, откако на првиот меч во Унгарија славеше со 29-28, а Јасухира верува дека тимот е подготвен за уште една голема европска битка.
„Нè очекува реваншот од финалето во ЕХФ Европскиот Куп. Подготвени сме максимално и ќе се бориме за Охрид, заедно да испишеме историја за клубот“, порача охридскиот самурај.
Охрид оваа сезона блеска на европската сцена и е на само еден чекор од најголемиот успех во клупската историја.
Во преполната сала „Билјанини Извори“ се очекува пеколна атмосфера и огромна поддршка од трибините, која треба да биде дополнителен мотив за избраниците на Борис Ројевиќ во битката за европскиот трофеј.

























