Ангела Јанкуловска одново херој – Славија Прага стана шампион на Чешка!

Македонската репрезентативка Ангела Јанкуловска оствари голем успех во својата интернационална кариера, откако со Славија Прага ја освои шампионската титула во Чешка. Во решавачкиот трет натпревар од финалната серија, тимот на Јанкуловска убедливо славеше против Хазена Кинжварт со 33-24 и се искачи на тронот.

По поразот во вториот натпревар со 35-33, Славија Прага овојпат одигра на високо ниво и не му остави никакви шанси на противникот. Јанкуловска и нејзините колешки уште од самиот старт го наметнаа ритамот и на крајот заслужено прославија титула.

Македонската ракометарка претходно блескаше и во полуфиналето на плеј-офот, кога Славија Прага го елиминираше Бањик Мост, поранешен учесник во Лигата на шампионите.

Токму Јанкуловска беше хероина во мајсторката, постигнувајќи девет голови, од кои четири беа од пенал.

Одличната форма на битолчанката сигурно е добра вест и за македонската репрезентација пред настапот на Европското првенство 2026 во Романија, Полска, Чешка, Словачка и Турција.