Охрид се враќа со победа со 29-28 од тешкото гостување кај унгарската Татабања и ќе има меч-топка за трофеј во ЕХФ Европскиот Куп на домашен терен.
Десното крило Дарко Ѓукиќ, заедно со Анте Иванковиќ, беа најдобри стрелци на охриѓани во победата што можеше да биде многу повисока.
„Мислам дека го дадовме нашиот максимум, на крајот остваривме минимална победа, која некој да ни ја понудеше пред натпревар ќе ја прифатевме без размислување. Сепак останува жал затоа што водевме со седум гола, игравме одлична одбрана особено во првиот дел. Во вториот дел критериумот не беше ист на двете страни, но ќе дадеме максимум да победиме во нашата тврдина во Охрид и со овие прекрасни навивачи заедно да славиме трофеј ако даде Бог“, изјави Ѓукиќ.
Реванш средбата меѓу Охрид и Татабања се игра на 31 мај во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 20:00 часот.
























