Кадетите на Пролет ја освоија шампионската титула во Македонија, откако триумфираа на Ф4 турнирот што се одржа во Битола. Младите ракометари на скопскиот тим одиграа две одлични средби во еден ден и со победи над Охрид и „витамините“ од Автокоманда ја заокружија сезоната без ниту еден пораз.
Во големото финале имаше вистинска драма против „витамините“, но и уште една победа за шампионска титула. Иако Пролет на одмор замина со негатива од 17-13, тимот одигра одлично второ полувреме, направи пресврт и веќе по десетина минути поведе со 20-19. До крајот момците на Игор Илиевски ја контролираа играта и заслужено славеа со 37-34.
Костов беше лидер со осум погодоци, Лешниковски и Дамчевски постигнаа по седум гола, додека Јовиќ натпреварот го заврши со пет реализации.
„Витамините“ во полуфиналето беа подобри од Еурофарм Пелистер со 35-32. Петрески беше предводник кај победникот со десет голови, а Василевски даде девет за битолчани. Пролет во полуфиналето убедливо славеше против Охрид со 34-25. Скопскиот состав уште во првото полувреме ја направи клучната разлика, откако на пауза замина со водство од 16-8, а во продолжението рутински ја зачува предноста до конечниот триумф. Најефикасен беше Костов со пет гола, додека Јовиќ, Црцаревски и Симовски постигнаа по четири, додека во составот на Охрид се истакнаа Јанчески и Софкоски со по девет гола.
Беше избран и идеалниот тим на Ф4 во кој имаше тројца ракометари од Автокоманда, тројца од Пролет и еден од Еурофарм Пелистер.
За најкорисен играч, односно МВП, беше избран кадетскиот репрезентативец, средниот бек Стефан Ѓоргиевски, за најдобар голман беше прогласен Лазе Великиќески од Пролет, додека најдобар стрелеце Тане Јанчески од редовите на Охрид со 20 погодоци.
Идеален тим, Ф4 кадети:
голман: Лазе Великиќески (Пролет)
лево крило: Стефан Ѓорѓиески (Мулти Есенс)
лев бек: Горазд Дамчевски (Пролет)
среден бек: Стефан Ѓоргиевски (Мулти Есенс)
десен бек: Бобан Поповски (Мулти Есенс)
десно крило: Лука Јовиќ (Пролет)
пивот: Јован Симоновски (Еурофарм Пелистер)
























