Ракометарите на Охрид водат по првото полувреме против Татабања со 13-8 во првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп. „Гладијаторите“ предводени од голманот Пилиповиќ кој има девет одбрани, покажаа по првиот дел дека се дојдени по триумф.
Мечот тргна со промашувања на двете страни, пред Јасухира со гол од пенал да го отвори резултатот во корист на Охрид. Пилиповиќ на стартот покажа дека ќе брани како што знае и го запре еден од најдобрите стрелци на домашните, Педро Родригез.
Потоа уште еднаш промашија домашните и Охрид казни со водство со 3-1, а потоа и Ѓукиќ искористи што Татабања остана во еден момент со двајца ракометари помалку на теренот, па погоди на празен гол за 5-2 по десетина минути игра.
Иванковиќ зголеми на 6-2, потоа македонскиот тим имаше прилика и за плус пет, но и Секељ, некогашниот голман на Еурофарм Пелистер, со две интервенции ги покажа своите квалитети.
Пилиповиќ беше исклучен по двобој со еден од домашните ракометари, па Татабања конечно постигна гол по десет минути преку Григорас и намали на 6-3. Охрид со двата гола на Иванковиќ и Стрмљан си ја врати предноста од плус четири, 8-4.
Беше и 9-5, па домашниот стратег Едмонд Тот мораше да бара тајм-аут по дваесетина минути игра. Но неговите играчи продолжија со грешките, Пилиповиќ уште еднаш запре зицер и Охрид отиде на плус шест, 11-5.
По тајм-аутот на Ројевиќ, Охрид стигна до седум гола залиха, 12-5, но Татабања врза три гола во серија и со голот на Талески намали на 12-8. Охрид погодија уште еднаш, а потоа успеаја да се одбранат во последниот напад и на пауза се замина со 13-8.
























