Охрид се бори за вице-шампионската титула, и успеа конечно да го победи Вардар, во 8. коло од плејофот, 26-24 (12-14). Со новите два бода Охрид има 50 бода, два повеќе од Еурофарм Пелистер.
Токму нивниот меѓусебен дуел на Охрид и Еурофарм Пелистер во следното коло ќе реши кој ќе биде втор и сигурно ќе игра во Лига Европа следната сезона.
Од 2016 година досега Охрид и Вардар одиграле 28 меча (првенство и Куп), и секогаш губеле „гладијаторите“ од Охрид. Сезонава на сите три меѓусебни натпревари победуваа „црвено-црните“. Ова е прв триумф на Охрид.
Двата тима има свои минути, но пресвртот се случи во второто полувреме кога Охрид имаше негатива од 12-16, а потоа поведе со 20-17.
Само што почна второто полувреме Вардар поведе со 16-12. Охрид намали на 16-13, а потоа беше исклучен Жоао Педро, а две минути доби и тренерот Иван Чупиќ. СО четири грачи во поле, Вардар не можеше да се одбрани, па Охрид намали на 14-16 во 37 минута. Една одбранета топка на Гогов заврши до рацете на Ѓукиќ кој погоди на 15-16. Иако комплетен Вардар повторно не ја реализираше својата шанса, а Охрид израмни. Можеше Охрид да поведе, но направија техничка грешка, а Тузолана погоди на празниот гол на домашните.
За неколку минути домашните направија пресврт, и во 41 минута водеа со 18-17. Тоа беше сигнал за Иван Чупиќ да побара тајмаут. Играше Вардар „7 на 6“ и тоа донесе нивна грешка, а Ѓукиќ погоди за ново водство. Потоа Пилиповиќ одбрани, а Лиапис му го донесе највисокото водство на Охрид на мечот, 20-17.
Последните десет минути почнаа со предност од 24-23 за Охрид, а Вардар не искористи напад за израмнување. Охрид преку Иванковиќ поведе со 25-23.
Помошник тренерот Наум Бабачев доби исклучување од две минути, а откако продолжи да протестира, заедно со другите од клупата доби и црвен картон. Со играч помалку домашните требаше да се одбранат. Наместо гол, направија техничка грешка, и пропадна шансата да се намали. Остануваа уште седум минути до крајот на средбата.
Митровиќ под пасивна упати удар покрај голот, ама потоа во следниот напад Атанасовски во контра намали. Косуке Јаухира се протна низ одбраната за нов гол и водство 26-24 во 58 минута. Пилиповиќ повторно одбрани, Митровиќ направи техничка грешка, а времето работеше за Охрид.


























