Колку навистина чини македонскиот ракомет? Завршните сметки за 2025 година откриваат дека клубовите од машката Супер лига заедно пријавиле приходи од околу 8,8 милиони евра, но најголемиот дел од тие пари се сконцентрирани кај само неколку екипи. На врвот е клуб што потрошил околу 2,35 милиони евра, додека на дното има тимови што цела година ја поминале со буџет помал од 100.000 евра.
Станува збор за финансиски извештаи од календарска година, а не спортска сезона, што значи дека бројките не секогаш директно кореспондираат со резултатите на терен, бидејќи е опфатен и трансфер периодот меѓу две сезони, кога најмногу се трошат пари. Во приходите се вклучени сите приливи на пари по различни основи, вклучително и „помошта“ од државата.
Буџетите на македонските екипи, барем на оние што сакаат да имаат високи резултати и да се вмешаат во игра во Европа, се зголемени, но сè уште се далеку од европската елита. Само четири екипи пријавиле годишен буџет над 1 милион евра, и тоа оние што се во самиот врв.
Интересно е дека, според податоците од CompanyWall, само една екипа пријавила добивка за 2025 година од 126.000 денари, а сите други работеле со „минус“. Само четири екипи имаат помали буџети во однос на претходната година, а сите други пријавиле зголемување на приходите.
Најголем буџет има тим од Скопје
Очекувано, најмногу приливи има екипа која сака да биде во врвот, а според податоците таа пријавила над 144 милиони денари приход. Тоа е тимот од Автокоманда, кој упорно вложува, но засега нема позначајни спортски резултати на домашна сцена. „Сино-белите“ имаат пријавено расходи од 144.249.000 денари и оствариле добивка од 126.000 денари.
Од екипите во Супер лигата, само четири имаат приходи над 1 милион евра. Покрај „сините од Автокоманда“, на таа листа се уште и Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид. Најмалку пари за трошење во 2025 година имала екипата на Пролет – под 6 милиони денари.
Клубови – приходи 2025
Алкалоид – 144.534.000
Вардар – 108.926.000
Еурофарм Пелистер – 101.799.000
Охрид – 67.821.000
Тиквеш – 52.214.000
Еурофарм Пелистер 2 – 19.989.000
Прилеп – 15.444.000
Бутел – 9.584.000
Куманово – 6.354.000
Радовиш – 6.170.000
Пролет – 5.995.000
Струга – 4.977.000
Сите трошат повеќе отколку што имаат
Речиси сите екипи од Супер лигата во машка конкуренција во 2025 година потрошиле повеќе отколку што имале. Единствено во Автокоманда немаат „минусно салдо“.
Според податоците од CompanyWall, најмногу потрошиле во 2025 година во Автокоманда, каде што е пријавен расход од 144.249.000 денари, односно околу 2,35 милиони евра. Овој клуб воедно е и единствениот што работи речиси балансирано, со минимална добивка. Последните три години само тие имаат буџет над 100 милиони денари и исто толку високи расходи.
На листата на расходи, односно „големи трошаџии“, веднаш зад „првиот“ е Еурофарм Пелистер со 144.159.000 денари расходи, додека Вардар исто така останува меѓу најголемите трошаџии со над 127 милиони денари.
Клубови – расходи 2025
Алкалоид – 144.249.000
Еурофарм Пелистер – 144.159.000
Вардар – 127.393.000
Охрид – 70.536.000
Тиквеш – 60.982.000
Еурофарм Пелистер 2 – 25.084.000
Прилеп – 18.196.000
Бутел – 14.755.000
Радовиш – 11.476.000
Пролет – 10.874.000
Куманово – 10.322.000
Струга – 5.639.000,00
Најголем раст и најголем пад
За високи резултати потребни се пари, иако тие не секогаш се пресудни. Ако се споредат буџетите во однос на 2024 година, јасно е дека од тимовите од „големата четворка“ три се наоѓаат меѓу оние што имаат најголем раст на приходите.
Единствено кај шампионот Еурофарм Пелистер има намалување на приходите во однос на 2024 година. Од екипите кои играат во плеј-офот, пад на приходите има и кај Бутел.
Најголем раст на приходи 2025/2024:
Алкалоид – +44 милиони денари
Вардар – +41 милион денари
Тиквеш – +10,8 милиони денари
Најголем пад на приходи 2025/2024:
Еурофарм Пелистер – -15,3 милиони денари
Пролет – -5,1 милиони денари
Струга – -4,8 милиони денари
На крајот, бројките покажуваат дека македонскиот ракомет има неколку финансиски силни центри, но и голема разлика меѓу клубовите. Клубовите со европски амбиции трошат најмногу, додека поголем дел од останатите екипи функционираат со далеку поскромни средства.
Но, парите сами по себе не носат титули. Дел од клубовите со најголеми буџети допрва треба да го оправдаат вложеното на терен, а кај дел од помалите клубови предизвикот е уште поголем – како со ограничен буџет да останат конкурентни во лига во која финансиската разлика станува сè поголема.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























