Легендарниот француски пивот Седрик Сорендо, кој неодамна стави крај на богатата играчка кариера, се враќа во Динамо Букурешт, но овојпат во нова улога – како менаџер на тимот. Романскиот шампион веќе ја потврди неговата нова функција, со што поранешниот француски репрезентативец почнува ново поглавје во клубот во кој веќе остави силна трага како играч.
Сорендо е добро познато име во Букурешт, бидејќи настапуваше за Динамо во периодот од 2021 до 2024 година. Сега ќе има важна улога надвор од теренот, како врска меѓу соблекувалната, стручниот штаб и раководството. Романските медиуми наведуваат дека тој ќе има значајно место во организацијата на спортскиот дел и во секојдневното функционирање на тимот.
Враќањето на Сорендо во Динамо доаѓа веднаш по неговото пензионирање. Поранешниот француски ас ја заврши кариерата по сезоната во Бешикташ, со што стави точка на една исклучително богата и трофејна приказна.
Зад Сорендо останува импресивна биографија. Тој со Франција освои олимписко злато, светски и европски титули, а на клупско ниво најголем белег остави во Барселона, каде мина 11 години и освои бројни трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите. Романските медиуми дополнително потсетуваат дека станува збор за еден од најтрофејните и најценети француски ракометари во последните две децении.
За Динамо ова не е обично кадровско решение, туку ангажман што носи и авторитет и искуство. Во Букурешт ова се гледа и како потег што дополнително ја зајакнува структурата околу првиот тим.

























