Актуелниот македонски шампион ЖРК Ѓорче Петров продолжува со кроењето на тимот за претстојната сезона, ставајќи јасен акцент на задржување на клучните домашни ракометарки. Кај „лавиците“ и следната сезона ќе игра Бојана Коцева кој официјално ја продолжи соработката со клубот.
Коцева, која успешно покрива повеќе позиции во бековската линија како централен и лев бек, се обврза на нов договор со тимот од Ѓорче Петров. Со овој потег таа потврди дека клубот останува нејзина идеална средина за понатамошен ракометен развој, но и за нови домашни и меѓународни успеси.
Иако има само 21 година, Коцева зад себе веќе има сериозно суперлигашко искуство, како и настапи на меѓународна сцена во европските купови. Својот ракометен пат го градеше низ младинските школи на ЖРК Вардар, по што забележа одлични партии за екипата на ЖРК Металург Автокоманда, од каде што и пристигна во таборот на актуелниот првак каде брзо се наметна како важна алка во тактичките замисли на стручниот штаб. Таа помина низ сите младински национални селекции на Македонија, беше и дел од составот на СП за младинки во Скопје, а сега е дел и од сениорската селекција со што го потврди својот потенцијал како еден од бековите на кои македонскиот ракомет сериозно смета во иднина.
Продолжувањето на договорот со Бојана Коцева е само дел од пошироката стратегија на ЖРК Ѓорче Петров за претстојниот период. Управата на клубот работи со полна пареа на засилување на ростерот со цел не само одбрана на домашните трофеи, туку и посериозен исчекор во Лигата на Европа.
Покрај задржувањето на костурот на тимот, Ѓорче Петров веќе ја размрда јавноста со промовирање на неколку нови квалитетни засилувања во сите линии, со што јасно става до знаење дека амбициите на „лавиците“ остануваат максимални – шампионски пехар и добри партии во Лигата на Европа и во Регионалната лига.
























