Партизан ќе треба да плати 300.000 евра гаранција за Лигата на шампионите

Партизан е на чекор до враќање во Лигата на шампионите, но според “Моцарт Спорт”, шампионот на Србија за влез во елитата ќе мора да уплати околу 300.000 евра како финансиска гаранција, што е еден од јасно поставените услови на ЕХФ за специјалната покана.

„Црно-белите“ треба да добијат специјална покана за настап во Лигата на шампионите во сезоната 2026/27, а официјалната потврда се очекува во наредните денови. ЕХФ веќе објави дека конечниот состав на машката Лига на шампионите за сезоната 2026/27 ќе биде познат по завршниот турнир во Келн и пред ждрепката за групната фаза, која е закажана за 26 јуни во Виена.

Патот до елитата, сепак, не е без пречки. Во ЕХФ не ги заборавиле инцидентите на натпреварите на Партизан против АЕК, а потоа и случувањата на домашната сцена, пред се на последниот дуел со Војводина па токму затоа клубот ќе биде под посебно внимание кога станува збор за безбедноста, контролата на навивачите и организацијата на натпреварите. Според истите извори, европската куќа на ракометот јасно ставила до знаење дека секој нов инцидент може да биде строго санкциониран, а во најтежок случај се спомнува и повеќегодишно исфрлање од европските натпреварувања.

Покрај гаранцијата и безбедносните услови, Партизан ќе мора да реши и важно организациско прашање. Салата на Бањица не ги исполнува условите за Лигата на шампионите, па како опции се спомнуваат Белградска арена и салата „Александар Николиќ“.

Во меѓувреме, Партизан веќе гради тим за повисоко ниво. На клупата треба да седне Раул Гонзалес, а во ростерот веќе се имиња како Владислав Кулеш, Јоав Лумбросо, Мигел Санчез Мигалјон, Тобијас Вагнер, Бекир Чордалија, како и српските репрезентативци Илија Абутовиќ и Милош Кос. Тоа е јасен сигнал дека во Хумска не ја гледаат Лигата на шампионите само како добра приказна, туку како проект за кој веќе сериозно се подготвуваат.