Унгарија остана без селектор

Чема Родригез повеќе не е селектор на машката репрезентација на Унгарија, откако раководството на тамошната федерација донесе одлука за прекин на соработката по неуспехот националниот тим да се пласира на Светското првенство 2027.

Во образложението од федерацијата се наведува дека клучен момент за оваа одлука бил неуспешниот бараж за Мундијалот, во кој Унгарија испадна од Србија со вкупен резултат 61-60. Со тоа Унгарците останаа без место на СП следниот јануари, а воедно значително си го искомплицираа и патот кон Олимписките игри во Лос Анџелес 2028, бидејќи најголемиот дел од олимписките квалификациски позиции се обезбедуваат токму преку мундијалот.

Претседателот на федерацијата, Ференц Иљеш, му се заблагодари на шпанскиот стратег за работата и истакна дека репрезентацијата во изминатите години имала многу значајни моменти, но дека по анализата на последните резултати било проценето оти е потребна промена во стручната работа на машката селекција. Федерацијата најави дека сака што поскоро да најде наследник, иако националниот тим следен собир ќе има дури во ноември.

Родригез мина вкупно седум години во стручниот штаб на Унгарија. Прво беше помошник селектор од 2019 година, а од пролетта 2022 ја презеде функцијата прв тренер. Во март 2024 федерацијата му го продолжи договорот до 31 август 2028, што значи дека оваа разделба доаѓа и покрај тоа што соработката формално требаше да трае уште две години.

Иако крајот е горчлив, Родригез зад себе остава и сериозни резултати. Под негово водство Унгарија беше осма на Светското првенство 2023, петта на Европското првенство 2024, што беше најдобар пласман во историјата на унгарскиот машки национален тим на континенталните шампионати, а на Светското првенство 2025 повторно стигна до четвртфинале, каде беше елиминирана со еден гол разлика од домаќинот Хрватска.

Сепак, оваа 2026 година целосно ја смени сликата. Унгарија на Европското првенство заврши на 10. место, под официјално поставената цел за пласман меѓу осумте најдобри, а потоа следуваше и елиминацијата од Србија во баражот за Светското првенство. Федерацијата притоа аплицираше и за специјална покана за мундијалот, но не ја доби, по што и дефинитивно беше јасно дека екипата ќе остане без настап на завршницата.