Кил и Хановер досега заработија по 53.000 евра од настапите во Европската лига, што е највисока сума меѓу клубовите пред четвртфиналната фаза од натпреварувањето.
Според објавените податоци за премиите, Порто досега инкасирал 50.000 евра, Вардар 49.000, а Елверум и Монпелје по 48.000 евра.
Дополнителна заработка ќе носи и четвртфиналето, каде што за две победи може да се освојат уште 10.000 евра. Освојувачот на трофејот ќе добие бонус од 100.000 евра, поразениот финалист 75.000, третопласираниот 50.000, а четвртопласираниот 25.000 евра.
Особено впечатлив е податокот поврзан со Кил. Германските медиуми објавуваат дека голманот Андреас Волф заработува околу 50.000 евра месечно, што значи дека досегашната заработка на германскиот клуб во Европската лига речиси одговара на една негова месечна плата.
Вардар во четвртфиналето на Лига Европа ќе игра против француски Монпелје, а победникот од тој двомеч ќе се пласира на Ф4 во Хамбург.

























