Тимот на Целје, ривалот на Охрид во полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп, обезбеди место во полуфиналето на плеј-офот за титулата.
Целје на домашен терен беше подобар од составот на Јерусалем Ормож со 36-33, иако мораше добро да се испоти за двата бода.
Најдобри стрелци на Целје беа Макуц со десет гола од 15 обиди, но и два промашени пенали, седум гола даде Периќ, додека по шест пати стрелаа Онуфриенко и Анжиќ. Голманите Млакар, Чешек и Габершек имаа 11 одбрани.
Сега Целје има 12 бода на табелата во групата Б, четири победи на четири меча, и се наоѓа пред Тримо Требње, кој има 10, но и ќе го пречека Целје во последното коло од групата.
Првото место во оваа група значи дека Целје или Тримо ќе го избегнат актуелниот шампион Слован, кој е прв во групата А, а таму на второто место е Словењ Градец.









