Ракометарите на Бутел Скопје иако одиграа одлично прво полувреме, сепак не успеаја да направат нешто повеќе на средбата со „сино-белите“ од Автокоманда, кои предводени од голманот Галевски со 15 одбрани ги освоија бодовите, 37-21.
Домаќините водеа со 3-1, но „сино-белите“ направија серија од пет гола и најавија дека се дојдени по бодови, 6-3. Згора на се, бутелци промашија и пенал, но не се откажуваа од битка.
Момците на Кузманоски израмнија на 6-6, а во домашниот напад доминираше Димитар Узунчев, кој беше расположен за игра и даде пет гола во првиот дел. Продолжи играта гол за гол, а пред паузата гостите стигнаа до плус два, 15-13.

Субашевски и Ѓеоргиевски, кои погодија во голот на Галевски за минус еден на крајот на првиот дел, 16-15, најавија дека треба да биде интересно и во второто полувреме, но не беше така.
Како да излегоа други екипи на теренот во салата „Антон Димитров“. Гостите се разиграа, ги казнуваа сите грешки, Галевски бранеше одлично и домаќините чекаа дури 18 минути за погодок.
За тоа време избраниците на Кирил Лазаров создадоа висока предност, која до крајот ја одржаа без никакви проблеми сега со новите бодови се вмешуваат во битката за третата позиција на табелата.

Иван Џонов со осум и Ненад Костески со седум гола беа најдобри стрелци во победничкиот тим, додека кај Бутел Скопје седум пати погоди Димитар Узунчев, а Димитар Ѓеоргиевски и Марко Каевски имаа по четири гола.
На табелата, „сино-белите“ сега имаат 40 бодови и се израмнија со Охрид на третото место, додека Бутел Скопје остана на 22 бода на шестото место.


























